Skip to Main Navigation
СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ11 Април 2024

Економскиот раст на Западен Балкан е во нагорна линија, реформите се од суштинско значење за неговото понатамошно заживување

ВИЕНА, 11 април 2024 година – Економскиот раст во Западен Балкан се проектира дека ќе расте во 2024 година, а во 2025 година се очекува негово понатамошно забрзување со што ќе се врати на просечните остварувања од пред пандемијата. За да се намали развојниот јаз со Европската Унија и да се подобри животниот стандард на луѓето, регионот треба да продолжи со спроведување на реформите. Тоа вклчува зголемување на инвестициите за градовите да се направат позелени, овозможувајќи им поефикасно да придонесат во целокупниот економски развој, се вели во новиот Редовен економски извештај за Западен Балкан, објавен денес.

Економската активност во Западен Балкан, оваа година се очекува да се зголеми на 3,2 проценти што е за 0,2 процентни поени повисоко од она што го предвиде Светска банка во претходното издание на извештајот и понатаму на 3,5 проценти во 2025 година. Подетални прогнози за шесте економии од Западен Балкан, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија се дадени во Економскиот извештај на Светска банка за Европа и Централна Азија, исто така објавен денес.

WBRER 25
Малото зголемување на проекциите за растот на среден рок го отсликува внимателниот оптимизам дека Западен Балкан преброди повеќе шокови во последните години. Меѓутоа, ризиците во однос на изгледите и понатаму се наклонети кон надолната страна. Постојаната слабост на светскиот раст, особено во Еврозоната би се пресликале во послаби инвестиции и трговија со регионот. Исто така, постојат домашни фактори, како што се заострувањето на геополитичките тензии, иселувањето, изборната неизвесност и инфлацијата.

„По годините на турбуленција предизвикана од пандемијата на КОВИД-19 и енергетската криза, охрабрувачки е да се види дека растот во Западен Балкан се враќа на нивото од пред пандемијата, а сиромаштијата се враќа на трендот на намалување,“ изјави Шиаочин Ју, директорка за Западен Балкан во Светска банка. „Меѓутоа, тековниот напредок сè уште не е доволен да се задоволат аспирациите на граѓаните и да се подобри животниот стандард за да се приближи кон оној во Европската Унија. Новиот План на Унијата за раст на Западен Балкан претставува можност да се стимулира економскиот развој преку реформи и инвестиции, особено во зелена економија“.

Планот вреден шест милијарди евра ќе му помогне на регионот да ги зајакне економските врски со Европската Унија, неговиот најголем партнер, и да спроведе реформи за подобрување на економската интеграција во рамките на Западен Балкан. Според Светска банка, подобрувањата како скратувањето на времето на граничните формалности и модернизирањето на системите за плаќање во регионот може да доведат до значајни економски придобивки за вклучените земји.

Инвестирањето во зелена транзиција и подобрувањето на условите за живот во градовите во Западен Балкан исто така би можело да го заживее регионалниот раст, се вели во извештајот на Светска банка.

„Градовите се местата каде навистина се случува економскиот раст. Тие ги приближуваат работниците до работните места, ја поттикнуваат продуктивноста, ги зголемуваат можностите и ја олеснуваат размената на добра и идеи“, изјави Наташа Рово, виш економист во Светска банка и главен автор на извештајот. „Градовите во Западен Балкан демонстрираа отпорност во последните години. Меѓутоа, не успеаја да станат двигатели на економскиот раст, не само поради последиците на структурните и демографските предизвици туку на ранливоста од промените на климата. Инвестициите во позелена економија би можеле да бидат шанса за поттикнување на растот во иднината“.

Извештајот препорачува активности на три главни фронта за градовите во Западен Балкан да се направат позелени и посилни.

Прво, намалувањето на градовите би било добро за растот, извршувањето на јавните услуги би било поевтино и би се подобриле исходите за животната средина. Второ, реформите и инвестициите за проширување на системите за јавен превоз и за премин кон позелени, енергетски поефикасни згради би го ограничило загадувањето на воздухот што секоја година, во регионот доведува до прерана смрт на илјадници луѓе. Трето, екстремната топлина во градовите, со температури во летото за 4,5-7,5°C повисоки отколку во руралните подрачја, негативно ќе влијае врз продуктивноста и човековиот развој. Градските власти треба да усвојат мерки за ладење на отворените простори преку подобро урбанистичко проектирање и планирање и таргетирани инвестиции.

Контакти:

Во Виена: Филип Кочан, fkochan@worldbank.org

Белград: Гордана Филиповиќ, gfilipovic@worldbankgroup.org

Приштина: Лундрим Алиу, laliu1@worldbank.org

Скопје: Анита Божиновска, abozinovska@worldbank.org

Сараево: Јасмина Хаџиќ, jhadzic@worldbank.org

Тирана: Ана Ѓокутај, agjokutaj@worldbank.org

 

За повеќе информации и претходните изданија на Редовниот економски извештај за Западен Балкан, кликнете тука.

СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ: 2024/ECA/089

Блогови

    loader image

НОВОСТИ

    loader image