СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ

Подобрување на здравството во Европа и централна Азија

4 Јуни 2013




Москва, 4 јуни 2013 година – Иако, во последните две децении, земјите од Европа и централна Азија (ЕЦА) [1] постигнаа робустен економски раст, долгорочниот напредок на здравствените резултати е повеќе од скромен, всушност, тој е меѓу најбавните во светот во последните педесет години. За да ги подобрат своите здравствени системи, земјите треба да делуваат на три главни фронта – подобрување на здравствените резултати, осигурување подобро финансирање и зајакнување на институционалната поставеност, се вели во новиот извештај на Светска банка „Оздравување: Подобрување на резултатите на здравствениот систем во Европа и централна Азија“.

„Здравството е главен развоен предизвик со кој денес се соочува овој регион, рече Филип Леру, потпретседател на Светска банка за Европа и централна Азија. „Тоа е најголем приоритет за населението во регионот и главна одредница на целокупната добросостојба. За да одговорат на аспирациите на луѓето, здравствените системи треба да бидат достапни, ефикасни и треба да обезбедуваат висок квалитет на грижата.“

Јазот во очекуваниот животен век помеѓу ЕЦА и западна Европа е значително проширен од 1960-ите години до денес, додека другите земји со средни приходи ја стигнаа и ја престигнаа ЕЦА. Меѓутоа, приказната не е еднаква во целиот регион. Турција доживеа многу големи здравствени придобивки, централна Европа постојано се подобрува од 1990-ите, а земјите на Западен Балкан имаа резултати согласно светските норми. Но, многу други земји во регионот заостануваат. Неодамна имаше подобрување на трендот низ целиот регион, но држењето чекор со западна Европа сè уште е далечна цел.

„Трите главни цели на здравствените системи во Европа и централна Азија се подобрување на здравствената состојба на населението, заштита на домаќинствата од високи и несигурни трошоци за здравствена нега и осигурување на ефикасноста на здравствените расходи на владата,“ нагласи Ана Ревенга, директор за човечки развој во Европа и централна Азија во Светска банка. „Постигнувањето на овие цели бара зајакнување на основната институционална поставеност.“

Агенда на резултатите

„Главната причина за лошото здравје на населението во ЕЦА се срцевите болести,“ рече Овен Смит, виш здравствен  економист во Светска банка и коавтор на извештајот. „Овие состојби се причина за над половината од јазот во очекуваниот животен век помеѓу ЕЦА и западна Европа. Зачестеноста на кардиоваскуларните болести во целокупниот регион претставува очигледна цел за активностите на политиките.“

Почетната точка за намалување на морталитетот од кардиоваскуларните болести е справување со нивните фактори на ризик кај целокупното население, пред поединците да имаат потреба од здравствена нега. Меѓу најважните се користењето на тутун и алкохол. И справувањето со високиот крвен притисок и холестерол на ниво на примарната здравствена заштита значително ќе ги подобри здравствените исходи во регионот.

Освен срцевите болести, два други фактори кои негативно влијаат врз очекуваниот животен век во регионот се неонаталната смртност (смрт во првите 28 дена од животот) и надворешните причини или несреќите кои се главно резултат на повреди во патниот сообраќај поврзани со користењето алкохол. Иако улогата на кардиоваскуларните болести е главна насекаде, значењето на смртноста на децата е понагласено во централна Азија и Кавказот, а важноста на надворешните причини е најзабележителна во Белорусија, Казахстан, Русија, Украина и во трите балтички земји.

Во извештајот се укажува дека и превенцијата и лекувањето мора да играат централна улога во идната здравствена агенда во земјите низ овој регион, особено преку пошироко спроведување на рентабилни мерки. 

Агенда на финансирањето

И во ЕЦА и низ светот, финансирањето на здравството главно доаѓа од џебот на домаќинствата или од владиниот буџет, вклучувајќи го и социјалното здравствено осигурување. Преголемото трошење за здравствена заштита од џебот на домаќинствата може да ја поткопа финансиската стабилност на домаќинствата додека преголемите владини расходи претставуваат ризик за фискалната одржливост.

„За да се осигури дека се финансира подоброто здравство на начин што не претставува преголемо оптоварување ниту за ранливите групи ниту пак за владите, препорачуваме повеќе активности за подобрување на финансиската заштита на ранливите групи со истовремено зголемување на ефикасноста на здравствените расходи на владата,“ рече Сон Нам Нгуен, виш специјалист за здравство во Светска банка и коавтор на извештајот.

Подобрувањето на финансиската заштита ќе бара одредена комбинација на зголемени пакети на здравствени услуги, подобро насочување на здравствените програми кон ранливите групи и мерки за намалување на неформалните плаќања. За да се заштитат владините буџети од расипничките здравствени расходи, во извештајот се сугерира да се подобри ефикасноста преку елиминирање на одвишната болничка инфраструктура, воведување иновации во извршувањето на услугите и зајакнување на информациите успешноста на давателите на здравствени услуги. На крајот, исто така ќе биде важно да се постигнат пониски трошоци за лекови како од домаќинствата така и од владата преку усвојување на поразумни практики за препишување и попаметни методи за набавки.

Институционална агенда

Според извештајот, не постои еден идеален модел на здравствен систем или „рецепт“ за постигнување подобри резултати. Наместо тоа, начинот за зајакнување на институционалната поставеност на здравствените системи во регионот е усвојувањето на некои клучни „состојки“ кои се заеднички за повеќето напредни земји, но сè уште отсуствуваат во голем дел од ЕЦА. Во извештајот се утврдуваат пет вакви состојки за реформирање на здравствените системи на ЕЦА, и тоа: воведување методи за плаќање базирани на пациент; нудење поголем степен на автономија на давателите на здравствени услуги; подобро користење на информациите за донесување одлуки; осигурување соодветно комбинирање на ризиците и поддршка на сите овие напори со посветено, угледно водство на здравствените реформи.

---

[1] Регионот Европа и централна Азија ги опфаќа: Албанија, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешката Република, Естонија, Грузија, Унгарија, Казахстан, Косово, Киргистан, Летонија, Литванија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Словачка, Словенија, Србија, Таџикистан, Турција, Туркменистан, Украина и Узбекистан.

 

 

 

Контакт за медиуми
Во Москва
Марина Василиева
tel : + 7 499 921 2045
mvasilieva@worldbank.org
Во Вашингтон
Елена Карабан
tel : + 1 202 473 9277
ekaraban@worldbank.org
За барања за емитување
Наталија Чишлик
tel : + 1202 458 9369
ncieslik@worldbank.org



СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ:
2013/ECA/076

Api
Api