УДАРНА ТЕМА

Од рецесија до реформа: Западниот Балкан и влијанието на повторената рецесија

18 Декември 2012


Zeljko Bogetic Explains Double Dip Recession in the Western Balkans.

World Bank Group

НАЈВАЖНИ НАСТАНИ
  • Земјите на Западен Балкан се во „повторена рецесија“ со голема невработеност и големи ризици.
  • Во четири од шесте земји на Западен Балкан невработеноста е над 25 проценти.
  • Владите треба да ги удвојат напорите за намалување на фискалните дефицити и на јавниот долг и да постигнат напредок во структурните реформи што водат кон поголема продуктивност и конкурентност.

Иако поминаа повеќе од три години од првиот удар на светската финансиска криза, економиите низ светот и понатаму се мачат да остварат заздравување. Меѓу најсилно погодените од оваа тековна криза се и шесте земји на Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република Македонија, Црна Гора и Србија. Новиот Редовен економски извештај за Југоисточна Европа, објавен на 18 декември 2012 година сведочи за економското влијание на кризата врз регионот и ја нагласува потребата на овие шест земји да ја искористат оваа шанса за подобрување на нивната инвестициска клима и за намалување на јавниот долг, истовремено елиминирајќи ги неисплатените долгови на јавниот сектор – што ќе помогне да се подобри финансиската дисциплина во генералната економија на секоја земја.

Можеби ниту еден друг регион во Европа не се соочува со поголеми економски шокови од Западниот Балкан, кој продолжува да се бори со намалувањето на економската активност и со зголемувањето на невработеноста. По двегодишното слабо заздравување, кога реалниот економски раст во 2010 и во 2011 година достигна околу 2 проценти, регионот сега се соочува со „повторена“ рецесија – со ограничен раст на кој му претходеа и го следат периоди на намалување на реалниот економски раст. Острата зима и намалената побарувачка го втераа регионот во уште една рецесија што води кон намалување на производството и остро зголемување на невработеноста.

Иако само многу малку земји во светот имаат стапка на невработеност над 25 проценти, четири од шесте земји на Западен Балкан сега имаат стапки над овој процент. И Србија и Босна и Херцеговина сега имаат стапки на невработеност повисоки од 25 проценти, а Република Македонија има стапка од околу 31 процент. Косово води во овој регион со 45 проценти невработена работна сила. Иако дознаките од странство, неформалното вработување и мрежите на социјална заштита обезбедуваат одредена заштита од последиците на рецесијата и од високата невработеност, централен предизвик на регионот и понатаму е обновувањето на робусниот раст на создавањето нови работни места.

„Иако овие земји забележаа ограничен раст по 2008 година, тие не успеаја целосно да заздрават од кризата“ вели главниот автор на Редовниот економски извештај за Југоисточна Европа Жељко Богетиќ, главен економист и координатор за економските политики за Западен Балкан во Светска банка. „Останува проблемот со неусогласеноста на вештините во регионот – постои голем дел од работната сила обучен за работа во јавниот сектор додека побарувачката за работна сила во приватниот сектор останува незадоволена и слаба. Потребни се подобрувања на обезбедувањето вештини како и подобрено трудово законодавство за да се намали оваа нерамнотежа.“

Екстремните временски услови во регионот во последната година ги влошија проблемите во регионот, ограничувајќи го земјоделското производство и зголемувајќи го притисокот врз цените на храната во овие шест земји. Минатата зима донесе рекордно ниски температури и суша, па многу фабрики беа присилени да ги затворат своите погони со недели и се појави нарушување на транспортот и на трговијата како резултат на невообичаено ниските температури. Сушните услови значат и недостиг на хидро енергија и недоволно производство на енергија во регионот, нагласувајќи го постојаниот голем јаз во енергетската инфраструктура. Ни летото не помогна многу во оваа ситуација, донесе тешки суши кои доведоа до 40 процентно зголемување на цената на пченката.

Меѓутоа, покрај овие економски влијанија, во извештајот се забележуваат и некои позитивни економски трендови во регионот. Повеќето од овие земји постигнуваат напредок во подобрувањето на нивното деловно опкружување, што се докажува со последниот извештај Дуинг Бизнис. На пример, по квалитетот на нејзиното деловно опкружување, Македонија е рангирана на 23 место во светот (од 185 земји). Овие земји го зајакнаа и своите финансиски сектори. Иако рецесијата нагласи некои од ранливостите кои бараат понатамошни реформи – особено високата стапка на нефункционални кредити – надворешните инвеститори сепак ги забележуваат сè поголемите можности на овој регион, особено во автомобилската индустрија.

Неодамнешната странска директна инвестиција (СДИ) на Фиат во овој регион резултираше со отворање на голема фабрика на оваа компанија во Србија. Првата од трите планирани линии веќе работи и се очекува до крајот на 2012 година да произведе 30.000 автомобили. Во 2013 година ова производство се очекува да порасне на 150.000 возила. Овие економски настани се проследени со СДИ во производство на делови за автомобили во Република Македонија. Исто така, странските инвестиции од земји со средни приходи како Турција, Русија, Кина и Азербејџан го зголемуваат нивното присуство во Западен Балкан – тренд кој може да поттикне „втор бран“ на приватизација во регионот.


" Во овој регион СДИ се екстремно важни од гледна точка на растот, работните места, унапредувањето на знаењата и технологиите, па затоа е одлични што гледаме дека некои големи СДИ се враќаат во регионот. Едноставно кажано, земјите мора да станат попродуктивни, извозно ориентирани и конкурентни и еден начин да го направат тоа е да привлечат високо продуктивни, извозно ориентирани, конкурентни компании од странство. "

Жељко Богетиќ

Главен економист

За да се надоврзат на овие успеси и да се прошират на регионално ниво, во извештајот се објаснува дека ќе бидат потребни поинтензивни реформи на политиките за да се намали јавниот долг и да се забрзаат структурните реформи, водејќи кон подобрување на продуктивноста, извозот и конкурентноста низ сите земји на Западен Балкан. Нискиот раст и зголеменото позајмување од страна на владите во шесте земји, како и останатите финансиски и социјални проблеми, го оставија овој регион акутно подложен на тековните финансиски шокови од оваа криза. Без значително понатамошно подобрување во управувањето со јавниот сектор, генералната инвестициска клима и пазарите на труд, шансите за брзо економско заздравување на регионот се мали.

И надворешната поддршка за забрзани реформи е критична во борбата за подобрување на економската слика во регионот. Во ноември 2012 година, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светска банка објавија финансирање во вредност од 30 милијарди евра за земјите од централна и југоисточна Европа во следните две години – пари кои би можеле да помогнат да се олесни транзицијата кон поодржлив раст на среден рок низ целиот регион.

Во меѓувреме, владите во регионот се охрабруваат да ја искористат оваа криза како шанса за забрзување на спроведувањето на реформските политики со кои би можеле да се зголемат напорите за фискална консолидација и да се подобри општата инвестициска клима во Западен Балкан. Овие реформи, заедно со стратешкото ангажирање на меѓународната заедница, може да помогнат да се осигурат подобри перспективи за раст и да се подобри животниот стандард. 


МУЛТИМЕДИЈА

Api
Api