Skip to Main Navigation
СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ 30 Април 2020

Светска банка ја поддржува Северна Македонија во справувањето и ублажувањето на влијанијата на КОВИД-19 (корона вирус)

Вашингтон, 30 април 2020 година – Денес Светска банка одобри финансирање во износ од 90 милиони евра (98,5 милиони долари) за поддршка на напорите на Северна Македонија за спречување, детектирање и одговор на заканата од КОВИД-19, за зајакнување на националните системи за подготвеност на јавното здравство и за помош во ублажувањето на социјалните последици од пандемијата.

Со Проектот за итен одговор на состојбата со КОВИД-19 ќе се обезбеди директна поддршка за ограничување на локалното пренесување на вирусот преку зајакнување на системите за следење на болестите и на јавните лаборатории преку набавка на дијагностички комплети, реагенси, потрошни материјали, опрема за лична заштита и обука за соодветните протоколи. Ќе биде обезбедена и поддршка за делумни реновирања за да се отворат дополнителни кревети за интензивна нега, за системите за управување и депонирање на медицинскиот отпад и за мобилизирање на дополнителни капацитети во здравствениот систем преку финансирање на платите за обучени и добро опремени здравствени работници директно вклучени во справување со кризата што не биле предвидени во државниот буџет.

„Светска банка помага луѓето да се заштитат од епидемијата и да се задоволат итните потреби на здравствениот сектор за да се намали притисокот врз здравствениот систем,“ вели Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово. „Исто така, поради економските последици од КОВИД-19, особено врз ранливите домаќинства, преку проектот ќе се обезбеди социјална помош за да се ублажат овие ефекти, како и да им се овозможи да се придржуваат на мерките за социјално дистанцирање.“

Со проектот ќе се финансира и времената поддршка на приходите на квалификувани поединци и домаќинства за да им се овозможи да се придржуваат на мерките за социјално дистанцирање што ги воведе владата за да го спречи ширењето на пандемијата, заштитувајќи ги приходите на домаќинствата. Ова опфаќа средства за обезбедување привремена социјална помош преку парични надоместоци за ранливите домаќинства погодени од економските последици на КОВИД-19 и обезбедување храна и основни производи за населението во карантин и за домаќинствата погодени од вирусот. Исто така, со проектот ќе се финансира осигурувањето во случај на  привремена невработеност преку обезбедување паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата.

Освен овој проект за итен одговор, Владата и Светска банка планираат да активираат до 50 милиони евра од механизмот за финансирање во итни ситуации, што е дел од неодамна одобрениот Проект за поврзување со локални патишта. Овој механизам обезбедува средства со брзо повлекување што ќе се користат за поддршка на виталните микро, мали и средни претпријатија погодени како од мерките за заштита на јавното здравје со кои се ограничуваат комерцијалните активности така и од намалената локална и меѓународна побарувачка. Ова финансирање ќе им овозможи на овие фирми да исплатат плати на илјадници нивни вработени во следните два месеци.

Групацијата Светска банка, еден од најголемите извори на средства и на знаења за земјите во развој презема широки и брзи активности за да им помогне на земјите во развој да го зајакнат својот одговор на пандемијата. Го подобруваме следењето на болестите, ги подобруваме интервенциите на јавното здравство и му помагаме на приватниот сектор да продолжи да работи и да ги задржи работните места. Во следните 15 месеци ќе распоредиме над 160 милијарди долари финансиска поддршка за да им помогнеме на земјите да ги заштитат сиромашните и ранливите, да ги поддржат бизнисите и да го поттикнат економското закрепнување, вклучувајќи и 50 милијарди долари нови ресурси на ИДА во вид на грантови или заеми со многу поволни услови.


СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ: 2020/ECA/99

Контакт

Вашингтон
Kим Смитис
ksmithies@worldbank.org
Скопје
Анита Божиновска
abozinovska@worldbank.org
Api
Api