СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ

Светска банка: Во регионот на Европа и Централна Азија потребни се пензиски реформи за да се заштитат идните генерации

21 Февруари 2014


Земјите имаат тешкотии да ги задоволат пензиските потреби на нивното сè постаро население

БРИСЕЛ, 21 февруари 2014 година – Длабоките ефекти на стареењето на населението и сè помалата работна сила врз преоптоварените државни пензиски системи во земјите на Европа и Централна Азија бараат значајни реформи, се вели во новиот извештај на Светска банка, Превртена пирамида: Пензиските системи во Европа и Централна Азија се соочуваат со демографски предизвици. Ако не се направат одлучни пензиски реформи, денешните млади и сиромашните постари лица најмногу ќе бидат погодени од неспособноста на државните пензиски системи да обезбедат заштита на основните приходи во староста. Според извештајот, неделувањето денес ќе ги покрене прашањата за еднаквост на следните генерации, бидејќи ќе резултира со намалување на идните пензиски права, а тоа повеќе ќе ги погоди сиромашните отколку богатите.

Во извештајот објавен денес во Брисел, на конференција под водство на Европската комисија и Светска банка, се утврдува дека повеќето пензиски системи веќе се „зрели“ со мала можност за зголемување на бројот на осигуреници како резултат на стагнантното или сè помалото работоспособно население. Намалувањето на работоспособното население предизвикува превртување на традиционалната пирамида на населението – со мал број постари лица на врвот и поголем број работоспособно население на дното и сега помалото работоспособно население е на дното, а поголемиот број пензионери се на врвот.

„Некои од земјите во Европа и Централна Азија се најактивни реформатори во светот, прифаќајќи повеќе нови дизајни на пензиските системи како што се системот на поени во Србија и Хрватска, пресметковно дефинирани придонеси во Летонија и во Полска, универзални пензии во Грузија, Казахстан и Косово и поединечни штедни сметки во Естонија, Македонија, Романија и во Русија“, вели потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Лора Так. „Меѓутоа, како резултат на длабоките демографски промени, многу од овие реформи не се доволни за пензиските системи да го одржат соодветното ниво на права. Исто така, некои од овие реформи се вратени назад како резултат на краткорочните фискални притисоци.“

Во извештајот се наведува дека земјите во транзиција од Европа и Централна Азија, вклучувајќи ја и Турција, во последните 20 години вложија големи напори за реформирање на нивните пензиски системи за да ги усогласат со новата социјална и економска реалност на пазарната економија. Меѓутоа, со високиот економски раст во средината на првата деценија на 21 век, како резултат на повисоките приходи некои од земјите ја зголемија дарежливоста на пензиските права. Финансиската криза ги остави овие земји со намалени приходи и со повисоки пензиски права што доведе до обратен процес кај пензиските реформи. На пример, некои од земјите ги укинаа индивидуалните штедни сметки за да ги покријат намалените приходи, ризикувајќи понатамошно компромитирање на одржливоста и адекватноста на пензиите на долг рок.

„Пензиските системи не можат веќе да ветуваат подарежливи права на континуирано растечкиот број пензионери. Зголемувањето на очекуваниот животен век, острото намалување на плодноста и зголемената емиграција придонесоа за компромитирање на достапноста на многу пензиски системи,“ рече потпретседателот на Светска банка за намалување на сиромаштијата и економско управување, Ана Ревенга, во нејзините воведни забелешки на настанот. „Во извештајот се истражуваат повеќе решенија и се заклучува дека јавниот пензиски систем мора да даде приоритет на обезбедување на основните пензии, заедно со мерки за охрабрување на подолг работен век и на сопствените заштеди на поединците.

Со реформите, преку обезбедување минимални пензиски права, треба да се осигури дека постарите нема да паднат во сиромаштија. Тоа има импликации врз начинот на кој сега се финансираат пензиите.

„Промената на механизмот за финансирање за осигурување на староста има импликации врз тоа кој и колку добива права,“ рече Анита Шварц, главен економист во регионот на Европа и Централна Азија при Светска Банка и еден од главниоте автори на извештајот. „Сега, земјите често ги ограничуваат пензиите на оние кои плаќале придонеси и ги поврзуваат нивните права со она што го уплатиле. Но, сите стари лица имаат потреба од некоја форма на поддршка на приходите во староста за да можат да одржат достоинствен животен стандард. Тоа ја зголемува потребата за барање други извори на финансирање освен даноците на трудот.“

Во извештајот се истражуваат две потенцијални решенија за справување со демографските предизвици за пензиските системи: генерирање дополнителни фискални приходи за покривање на дефицитите на пензиските системи и зголемување на бројот на осигуреници во системот. Меѓутоа, земјите во регионот веќе имаат високо даночно оптоварување, особено на трудот, оставајќи им мал простор за генерирање дополнителни приходи за справување со дефицитите на пензиските системи. Преминот од оданочувањето на трудот како извор на финансирање на сигурноста во староста кон даноците на потрошувачката и на имотот, би можел да помогне да се генерираат одредени дополнителни приходи, но дури и таму во повеќето земји просторот е ограничен.    

Ни зголемувањето на бројот на осигуреници не е универзален лек. Во повеќето земји во регионот на Европа и Централна Азија, повеќето на возраст од 35 до 44 години, веќе работат. Просторот за проширување на работната сила лежи кај постарото население кое, споредено со други региони во светот, работи помалку. Исто така, проширувањето на основата на осигурениците може само да ги олесни или да ги одложи потребните реформи на пензиските системи ако односот помеѓу придонесите и правата остане нарушен.

„Еден од позачудувачките наоди на извештајот е дека зголемувањето на бројот на осигуреници – преку опфаќање на неформално вработените или поголемиот прилив на имигранти – им помага на пензиските системи на краток рок кога добиваат дополнителни приходи, но ги влошува работите кога треба да се исплаќаат пензии на уште повеќе пензионери,“ рече Омар Ариас, главен економист во регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка и главен коавтор на извештајот. „Формализирањето и имиграцијата би можеле да помогнат да се добие време владите да ги направат потребните прилагодувања на пензиските системи, но никој од нив нема да ги постигне двете цели за адекватност и одржливост на пензиите на долг рок.“

Иако и дополнителните приходи и зголемената работна сила можат да помогнат да се ублажат краткорочните неповолни влијанија на неизбежните пензиски реформи, долгорочното решение може да лежи во прилагодувањето на дарежливоста на пензиските системи за пензиските приходи да го покријат само периодот кога поединецот веќе не може да работи, обично последните 15 години од животот. Тоа е она што им беше давано на пензионерите во седумдесеттите години, спредено со просекот од 18 години во пензија за мажите и 23,5 години за жените во многу земји денес.

Подигањето на возраста за пензионирање и охрабрувањето и поддршката на поединците да работат подолго ќе бидат многу успешни мерки за овозможување пензиските системи да обезбедат основни приходи во староста и да бидат финансиски поодржливи. Мерките за охрабрување постарите работници да продолжат да работат опфаќаат:

  • Обезбедување можност за постепено пензионирање, на пример овозможувајќи им на постарите лица да работат со скратено работно време и да добиваат дел од пензијата;
  • Усвојување мали прилагодувања на работното место, како што е ставање лупа на екраните на компјутерите и обезбедување ергономски столици за да се зголеми нивото на продуктивност и на комфор за постарите работници, и
  • Поефективно инвестирање во обука во постара возраст, преку редефинирање на системите за образование на возрасни, обука и доживотно учење за да се прилагодат на постарите мозоци.

На крајот, фискалните притисоци ги водат земјите сè повеќе да ги ограничуваат нивните веќе преоптоварени пензиски расходи преку поттикнување на приватни пензии и поединечни долгорочни планови за штедење. Заштедите им овозможуваат на работниците да имаат дополнителни ресурси за пензија. Мерките како автоматско опфаќање со шемите за штедење можат да ги натераат работниците со своите лични заштеди да го пополнат јазот во пензиските приходи. 

Нема едно решение за сите. Без разлика на патеката што ќе ја изберат, земјите треба да почнат социјален дијалог за тоа кој е најдобриот пристап за секоја земја да ја задржи способноста на пензискиот систем да обезбеди основна заштита на приходите во староста за денешните млади и послабо стоечки постари лица во однос на нивните демографски предизвици.


Контакт за медиуми
Вашингтон
Дорота Ковалска
tel : +1 (202) 247-7129
dkowalska@worldbank.org
Брисел
Франс Ван Ден Стратен
tel : +32 (0) 2 552 0034
fvanderstraaten@worldbank.org
За барања за емитување
Наталија Числик
tel : +1 (202) 458-9369
ncieslik@worldbank.org



СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ:
2014/331/ECA

Api
Api

Welcome