СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ

Намалување на ранливоста на македонското земјоделство од климатските промени

5 Декември 2013



Во извештајот на Светска банка се прави длабински преглед на предизвиците и можностите за земјоделството во услови на климатски промени

ВАШИНГТОН, 5 декември 2013 година – Земјоделството е еден од економските сектори што се најчувствителни на климата и без јасен план за усогласување на земјоделските политики со климатските промени, загрозени се приходите на руралното население, се вели во публикацијата на Светска банка Намалување на ранливоста на земјоделските системи на Република Македонија од климатските промени.

Во книгата се забележува дека во многу земји, како и во Република Македонија, ризиците од климатските промени се директен и основен проблем, бидејќи мнозинството рурално население директно или индиректно зависи од земјоделството.

„Руралното сиромашно население непропорционално ќе биде погодено поради неговата поголема зависност од земјоделството, нивната релативно помала способност за прилагодување и поради високиот удел на приходите што ги трошат на храна,“ рече Вилијам Сатон, автор на книгата и главен економист за земјоделство во Светска банка. „Според тоа, климатските влијанија би можеле да го поткопаат направениот напредок во намалување на сиромаштијата и неповолно да влијае врз обезбедување храна и економски раст во ранливите рурални области.“

Во студијата се проектираат влијанија на климатските промени врз земјоделството во трите агроекономски области во Република Македонија, преку прогноза на моделите на варијациите на температурата и на врнежите кои се критични за земјоделството. Според извештајот, во Република Македонија, во следните 40 години, климатските промени ќе бидат пожестоки. Просечното затоплување ќе биде околу 1,8°C, споредено со зголемувањето на температурата за помалку од 0,2°C измерено во последните 50 години. Врнежите веројатно ќе станат попроменливи со просечно намалување на ниво на земја за 8 милиметри во даден месец, до 2040 година.

Меѓутоа, годишниот просек е помалку важен за земјоделското производство отколку сезонската дистрибуција на температурите и врнежите. Зголемувањето на температурите се проектира да бидат повисоки, а намалувањето на врнежите поголеми во критичниот летен период на раст. Зголемувањето на летните температури до средината на векот може да биде дури и 4-5°C во континенталната зона на Република Македонија.

Преку предвидување на понудата и побарувачката на вода во Република Македонија во услови на променета клима, авторите предвидуваат значителен недостиг на вода во сливот на Црна река што значи дека нема да има доволно вода за наводнување на сите земјоделски култури. Тоа може да води кон загуби за земјоделците од околу 50 или повеќе проценти кај повеќето култури, според сценариото со средно влијание, во случај ништо да не се направи за прилагодување.

Сатон додаде дека „Истовремено, климатските промени можат да создадат и можности, особено во земјоделскиот сектор. Зголемените температури можат да ја продолжат сезоната на раст, повисоката концентрација на јаглероден диоксид (СО2) може да го поттикне растот на растенијата, а во некои области, врнежите и достапноста на водени ресурси може да се зголемат како резултат на климатските промени.“

Според публикацијата, не можат ефективно да се разрешат ризиците од климатските промени за земјоделството во Република Македонија- и можностите не можат ефективно да се искористат - без јасен план за усогласување на земјоделските политики со климатските промени, развивајќи ги способностите на клучните земјоделски институции и правејќи ги потребните инвестиции во инфраструктурата, услугите за поддршка и подобрувања на ниво на земјоделско стопанство. Развивањето ваков план во идеален случај опфаќа комбинација на високо квалитетна квантитативна анализа, консултација со клучните чинители, особено со земјоделците и локалните експерти за земјоделство, и инвестиции во човечки и во физички капитал.

„Оваа книга нуди можност за навигација низ ризиците и сфаќање на можностите. Во неа се утврдуваат практични решенија за воведување на она што е познато како ’климатски паметно земјоделство’ за земјоделците во Република Македонија,“ рече Дина Умали Деинингер, раководител на секторот за земјоделство и развој во Регионот на Европа и Централна Азија во Светска банка. „Во неа се демонстрира дека решенијата се оние мерки со кои се зголемува отпорноста на идните климатски промени, се поттикнува постојната продуктивност и покрај поголемата променливост на климата, која веќе се случува и се ограничуваат емисиите на стакленички гасови.“

Намалување на ранливоста на земјоделските системи на Република Македонија од климатските промени: Проценка на влијанието и можности за прилагодување го применува овој пристап на Република Македонија со цел да и се помогне на земјата да го нормира прилагодувањето на климатските промени во своите земјоделски политики, програми и инвестиции.

Татијана Проскурјакова, директорка на канцеларијата на Светска банка во Македонија, рече дека климатските промени се тема од голема важност за земјата. „Македонија веќе доживува зголемена зачестеност на екстремните временски услови. Потоплата и посува клима веројатно и понатаму ќе продолжи да влијае врз земјоделството – врнежите се очекува да се намалат, па може да има потреба да се прилагоди изборот на земјоделски култури за да се одговори на недостигот од вода, како и да се инвестира во наводнување.“

Проскурјакова додаде дека „Светска банка го финансираше неодамна завршениот Проект за зајакнување на земјоделството и пристапување, со кој се поддржа способноста на Министерството за земјоделство да ги користи фондовите на ЕУ за рурален развој и се дадоа услуги во областа на наводнувањето и одводнувањето. Исто така, Светска банка работи на Аналитичката и советодавна програма за поддршка на зелениот раст и климатските промени со која се проценуваат економските трошоци и придобивки од преминот кон позелен раст имајќи ги предвид проектираните климатски промени и се предлагаат можности за определување приоритетни активности утврдени со Националната стратегија за одржлив развој (НСОР).“

Ова е една од четирите студии за земји што беа направени во рамките на програмата на Светска банка – Намалување на ранливоста од климатски промени во земјоделските системи во Европа и Централна Азија. Во оваа серија беа опфатени и Албанија, Молдавија и Узбекистан.

Резултатите од четирите студии се обединети во книгата Гледање преку хоризонтот: Како влијанијата и одговорите за прилагодување на климатските промени ќе го преобликуваат земјоделството во Источна Европа и Централна Азија.

Контакт за медиуми
Скопје
Анита Божиновска
tel : +389 231 17 159
abozinovska@worldbank.org
Вашингтон
Кристин Шредер-Кинг
tel : +1-202-458-2736
kschrader@worldbank.org


СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ:
2014/230/ECA

Api
Api