Социјалниот развој – особено во градовите- мора да биде истовремено еколошки одговорен и социјално прифатлив. Ова особено важи за регионот на Европа и централна Азија, каде повеќе од две третини од населението живее во урбани средини.
Градските власти и градоначалниците во регионот се соочуваат со тешки предизвици како резултат на климатските промени, економските трансформации и демографските промени во градовите. Тие се под зголемен притисок да пронајдат одржливи решенија за трансформација на урбаните центри во отпорни и одржливи заедници, и сето тоа мора да го остварат со намалување на трошоците за енергија, подобрување на квалитетот на услугите, намалување на отпадот, обезбедување на подобра урбана средина и креирање економски можности за своите граѓани.
Кога се обезбедени механизмите на социјална отчетност, градовите се во можност да обезбедат подобри услуги за граѓаните, особено на најсиромашните. Што претставуваат механизми за социјална отчетност? Во основа, тие се инструменти – како што се инструментите за информации и комуникации (ИИК) – и методологии кои прецизно ги опфаќаат и мерат потребите и барањата на граѓаните, така што давателите на услуги и креаторите на политики можат да донесат информирани одлуки околу урбаниот развој.
Претставници од локалните власти, невладините организации и приватниот сектор ќе се сретнат во Скопје, Република Македонија на 19-20 март за да дознаат повеќе околу социјалната отчетност и да слушнат како ИИК се користат ефикасно за зголемување на одговорноста, подобрување на услугите и поттикнување на граѓанскиот дијалог.
Учесниците на работилницата во Скопје – Локално владеење во служба на граѓаните: Зајакнување на социјалната отчетност – исто така ќе научат повеќе за наодите од Иницијативата за социјална одржливост и отчетност, која е дел од иницијативата на Светска банка за одржливи градови во Европа и централна Азија и на Урбаната партнерска програма Светска банка – Австрија.
Главна цел на Оценката за социјална отчетност е зголемување на знаењето и свесноста за прашањата за социјалната отчетност помеѓу градските чинители и зајакнување на интегритетот во јавните услуги во пет пилот-градови низ југоисточна Европа: Драч во Албанија, Бања Лука и Сараево во Босна и Херцеговина, Скопје во Република Македонија и Приштина во Косово.
Претставници од овие пет градови и останати членови, вклучувајќи претставници на невладини организации, владини претставници од централната и локалната власт и претставници на здруженија на локалната власт ќе разменат идеи, најдобри искуства и акциски планови за секој од градовите.
Работилницата има за цел поддршка и поттик за учесниците да ги определат стратешките области за реформи, кои се истовремено релевантни и одржливи, и конечно да помогне во трансформација на идните идеи во конкретни акциски планови.