Skip to Main Navigation
Говори и преписи 31 Октомври 2018

Сирил Милер: Вложување во човечкиот капитал за инклузивен раст

Почитувани екселенции,

Почитувани дами и господа,

Дозволете ми да започнам со тоа што ќе му изразам благодарност на премиерот Заев за организирањето на денешниот регионален настан. Чест ми е што ја имам оваа можност да ви говорам за вложувањето во човечкиот капитал за унапредување на економскиот раст и создавање на поинклузивни општества во Западен Балкан.

Што поразбираме под човечки капитал? Едноставно кажано тоа е знаењето, вештините и здравјето кои луѓето ги стекнале во текот на својот живот и кои им овозможуваат да го реализираат својот потенцијал како продуктивни членови на општеството. Кога зборуваме за вложување во човечкиот капитал, мислиме на вложување во луѓето – преку исхрана, здравствена заштита, квалитетно образование и вештини.  

Вложувањето во човечкиот капитал е од критично значење за иднината на овој регион. Само со квалитетно вложување во луѓето можеме да оствариме вистински исходи и да осигуриме дека секој граѓанин ќе има можност да има пристојни приходи, да живее здрав живот и да придонесе кон општеството.

Цврсто веруваме дека образовано, здраво и продуктивно население е од суштинска важност за намалувањето на сиромаштијата и за постигнување на одржлив економски раст и просперитет.

Во изминатите две децении, шесте земји на Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, ПЈР Македонија, Црна Гора и Србија – остварија значителен напредок. Сите земји успешно закрепнаа од болната транзиција. Навистина, некои од нив ги остварија своите досега највисоки приходи по глава на жител.

Но и покрај исклучителниот напредок, сепак и понатаму има големи предизвици.

Од 2008 година, стапката со која приходите на земјите од Западен Балкан се приближуваат кон стандардите на Европската Унија значително се намали. Импликациите на побавниот раст се запрепастувачки. Со сегашните стапки на приближување, дете родено денес во Западен Балкан ќе наполни 60 години додекка просечниот приход во регионот се изедначи со приходите во ЕУ.

Невработеноста и понатаму е еден од најзначајните предизвици со кои се соочува Западен Балкан. Со оглед на тоа дека само 4 од секои 10 работоспособни луѓе се вработени, многу семејства мораат да се потпрат на дознаки од странство односно на владините трансфери за остварувањето на приходите. Можностите на пазарот на трудот се во целост несоодветни за младите, за малцинствата, како и за другите ранливи членови на населението. Според тоа, младите и образуваните луѓе се принудени да се иселуваат за да најдат работа. Суровата реалност е дека скоро една третина од граѓаните на Западен Балкан денес живеат надвор од овој регион.

Меѓутоа, ова не смее да не спречи да се надеваме и да бидеме оптимисти за иднината. Не е потполно нереално – иако амбициозно – да се замисли дека, во текот на наредните неколку децении, земјите од Западен Балкан би можеле да остварат вистински напредок во надминување на јазот кон животниот стандард на ЕУ.

Сите шест земји имаат потенцијал да обезбедат економски можности за сите свои граѓани, без оглед на местоположбата, родовата, етничката припадност, возраста односно било која друга лична карактеристика. Доколку годишниот раст се забрза да дополнителни 3 проценти, приближувањето кон ЕУ може да се постигне кога детето редено денес ќе наполни 35 години, наместо 60.

Меѓутоа земјите на Западен Балкан мора да делуваат сега и да делуваат смело, особено во три критични области:

  1. Макроекономската стабилност. Глобалната финансиска криза од 2008 година ги затегна фискалните позиции ви сите шест земји, сериозно подривајќи ги фискалните бафери и доведувајќи го остро зголемување на јавниот долг. Во изминатите 10 години, просечниот бруто износ на долгот на генералната влада во регионот се зголеми од околу 30 проценти од БДП на 50 проценти. Оттука, стабилната економија е предуслов за растот и создавањето на работни места – ја намалува несигурноста и ја зголемува довербата како кај потрошувачите така и кај инвеститорите.
  2. Деловното опкружување. Според скоро сите мерила, подобрувањето на опкружувањето за приватни инвестиции, како странски така и домашни, и понатаму е предизвик.   Сите шест земји од Западен Балкан мораат да направат многу повеќе за заштита на имотните права, за да обезбедат дека судските одлуки се донесуваат објективно, дека договорите соодветно се извршуваат и дека се почитува владеењето на правото – и да ја стават крај на корупцијата и бирократијата.
  3. Вложување во човечкиот капитал. Образовните системи ширум регионот Западен Балкан, во различна мера, не ги опремуваат младите луѓе со вештините кои денешните работодавачи ги бараат. Недостатоците на вештините ги попречуваат барателите на работа во наоѓањето на работа и ги намалуваат можностите на фирмите да растат. Работната сила со слабо развиени вештини ги ограничува приходите на граѓаните, како и потенцијалот на земјите за раст. Знаеме дека јазовите на човечкиот капитал почнуваат рано во животот на човекот – уште на предучилишна возраст – и потоа се прошируваат со текот на времето. Тоа значи дека мора да вложуваме колку што е можно порано – и колку што е можно поделотворно – во луѓето за да ги подготвиме за работните места на иднината.

Нашиот најнов Извештај за светскиот развој покажува дека токму сега, а не подоцна, е времето земјите да одговорат на технолошкото поместување кое ја менува природата на работењето. Ова значи вложување во градењето на дигиталната економија за да им помогнеме на земјите да се натпреваруваат во иднина – и обезбедување дека работниците, како и оние кои ќе станат работници, се подготвени како за огромните предизвици така и за можностите кои технолошките промени ги носат со себе.

Новите технологии на работното место бараат вработени со силни комуникациски и меѓучовечки вештини, како и основни когнитивни вештини и вештини за управување со времето. Многу фирми во регионот во моментов страдаат поради недостатокот од меките вештини какви што се точност, дисциплина, самостојност, одговорност и способност за тимска работа. Недостатокот на вештини треба итно да се надмине. Образовните системи треба да ги опремат сите ученици и студенти со потребните основни когнитивни и социоемоционални вештини кои ќе ги направат поотпорни на технолошките промени.

Значи, јасно е дека, што и да донесе иднината со себе и какви и промени да настанат, вложувањето во човечкиот капитал е јавна политика која се исплаќа.

Светска банка неодамна го објави својот нов Индекс на човечки капитал (ИЧК) со кој се мерат постигнувањата на земјата во однос на здравствените и образовните исходи. Се мерат следниве основни работи:

Преживување: Дали децата родени денес ќе доживеат да до возраста кога треба да тргнат на училиште?

Образование: Колкаво ниво на школување ќе завршат и колку навистина ќе научат?

Здравје: Дали ќе го напуштат образованието во добро здравје, подготвени за работа и со основи за доживотно учење?

За Западен Балкан, индексот укажува дека дете родено денес би можело да биде 38 проценти попродуктивно доколку би имало целосен и квалитетен пристап до можности за учење, здравје и социјална заштита во текот на својот живот.

Севкупно, земјите на Западен Балкан постигнаа добри резултати во одредени елементи на индексот, како што се преживување и физичкиот раст на децата, но имаат простор за подобрување во други области, како на пример во квалитетот на учењето. Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (позната под името ПИСА) покажува дека, во изминатите неколку години, учениците во Западен Балкан покажуваат подобрување, во просек за 3,4 поени годишно во делот на читање и математика. Ова можеби се чини како добар напредок, но со ваков чекот, на Западен Балкан ќе му требаат 26 години да го достигне просекот на ЕУ по математика и 29 години да го достигне просекот по читање.

Овие резултати ја нагласуваат потребата за давање на приоритет на подобрувањето на образованието и стручното односноно доживотното учење. Вложувањата во човечкиот капитал ќе придонесат за надминување на проблемот на недостаток на вештини, а исто така можат да придонесат и за агендата на работни места во Западен Балкан.

Градењето на човечки капитал го ослободува потенцијалот на поединците да бидат успешни во општеството – тоа е најважното долгорочно вложување што една земја може да го направи за иднината на своите граѓани и за квалитетот на нивниот живот. Во Западен Балкан ова значи подобро и поефикасно трошење и најдобро исползување на ограничените ресурси кои ги имаме на располагање.

Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, ПЈР Македонија, Црна Гора и Србија – сето она што овие шест земји го прават денес ќе ја оформи нивната иднина. Ова значи дека постои можност за трансформација – од регион каде граѓаните бараат можности надвор од регионот, во регион кој привлекува инвестиции од ширум светот.

За исполнувањето на ова ветување потребна е непопустлива посветеност и упорност. Меѓутоа овие напори сепак, на крајот ќе вродат со плод, како и вложувањето во луѓето во овој регион.

Api
Api