Skip to Main Navigation
Говори и преписи 31 Октомври 2018

Воведно обраќање на директорката на Светска банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер по повод одбележување 25 години Групација Светска банка во ПЈР Македонија

Екселенции, амбасадори и почитувани гости,

Имам задоволство да ви посакам добредојде на нашиот настан со кој се одбележуваат 25 години партнерство и присуство на Групацијата Светска банка во оваа убава земја.

Би сакал да почнам со тоа што ќе му се заблагодарам на министерот Тевдовски за неговото присуство и за организирањето на денешната регионална конференција за Поттикнување економски раст преку развој на човечкиот капитал во земјите од Западен Балкан.

Чест ми е заедно со сите присутни пријатели и партнери да го одбележиме 25 годишното партнерство.

Оваа годишнина е можност да се навратиме на придонесот на Групацијата Светска банка во земјата во последните 25 години и во исто време да видиме како да продолжиме да помагаме во градењето просперитетна економија што нуди можности за сите.

Заемот за економско закрепнување од 80 милиони долари беше првата операција финансирана од Светска банка во земјата, по нејзиното зачленување во Групацијата Светска банка на 30 декември 1993 година. Оваа прва операција – и секако прва фаза во партнерството со Групацијата Светска банка – се фокусираше на поддршка на макроекономската стабилизација, на градењето институции за пазарна економија и на одржувањето на клучни социјални програми во периодот на транзицијата.

Оваа фаза беше вовед кон неопходното економско закрепнување и ги постави темелите на стратешкото партнерство што го прославуваме денес. Со првите операции на нашата агенција за развој на приватниот сектор, Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), се поддржа надградба на објектите на текстилната компанија Тетекс како и модернизација на поранешниот Хотел Гранд за да може да работи како франшиза на хотелите Холидеј ин.

Во текот на следните 25 години, Светска банка обезбеди финансиска поддршка во вредност од над 2 милијарди долари преку над 65 операции, вклучувајќи инвестиции во енергетиката, патиштата, земјоделството, здравството, образованието, социјалната политика, иновациите, вештините и во други области, кои се суштински за растот и развојот на земјата.

ИФЦ како членка на Групацијата Светска банка, посветувајќи се на приватниот сектор, поддржа подобрувања на инвестициската клима и обезбеди околу 400 милиони долари инвестиции во 19 проекти во финансискиот сектор,  енергетиката, телекомуникациите, фармацијата, текстилната и автомобилската индустрија.

Би сакал да споменам само некои од постигнувањата на нашето партнерство:

  • Преку Проектот за подобрување на општинските услуги – повеќе од 524.000 луѓе добија пристап до редовно прибирање на цврстиот отпад;
  • Стотици километри од регионалните и локалните патишта во земјата – вклучувајќи го нивното означување и обележување – се обновени преку проекти поддржани од Светска банка. Како резултат на тоа, патиштата станаа побезбедни, а се скрати и времето на патување низ земјата.
  • Околу 20.000 ученици – чии родители добиваат социјална помош – се корисници на проектот за парични трансфери поддржан од Светска банка и како резултат на оваа програма тие се редовни на училиште.
  • Преку Проектот за развој на вештините и поддршка на иновациите, го поддржавме основањето на Фондот за иновации и технолошки развој кој ги стимулира иновациските активности во приватниот сектор. Фондот досега има доделено 55 дотации за старт-ап компании и за комерцијализација на иновативни производи и процеси.

Следната цел во нашата долготрајна врска ќе биде новата Рамка за партнерство за земјата за следните 4 години која се развива во партнерство со локалните власти. Нејзината стратешка цел е да помогне на нејзините граѓани да им се обезбедат поголеми можности за подобар живот. Со неа ќе се поддржат развојните приоритети на земјата и ќе се земат предвид трите развојни патеки утврдени со анализата во нашата Систематска дијагностика на земјата. 

  • Првата е да се поттикне подинамичен и поконкурентен приватен сектор кој отвора повеќе и попродуктивни работни места.
  • Втората е да  се инвестира во луѓето за да се гради конкурентна и прилагодлива работна сила со подобрување на образовните и здравствените исходи.
  • Третата е да се промовира одржливост и отпорност преку ефективно управување, фискална прудентност и подобро управување со животната средина и со климатските промени.

Се надеваме дека позитивното решение на прашањето за името ќе и помогне на земјата да го интензивира процесот на приближување кон Европската Унија (ЕУ) и ќе и овозможи подлабоко да се интегрира во регионалниот и светскиот пазар. И понатаму сме посветени на работата со властите и со сите партнери присутни овде за да ги поддржиме аспирациите на земјата и на македонските граѓани – особено најмаргинализираните – да им обезбедиме подобри можности за иднината.  

Уште еднаш би сакал да ви се заблагодарам што дојдовте на одбележувањето на овој меѓник во нашето цврсто партнерство со ПЈР Македонија. Се надеваме дека и понатаму ќе продолжиме да работиме заедно со сите вас.

Имајте убава вечер со интересната изложба на Националната галерија.

Api
Api