Почитувани Претседатели на влади и ценети учесници,
Благодарам на поканата за кратко воведно излагање на темата на првата сесија поврзана со постигнување слободна трговија на стоки во Западен Балкан.
Ова е важна тема – ниту една мала земја не може да стане богата без забрзување на нејзиниот извоз и продлабочување на нејзината интеграција во меѓународната економија. Успешнoто подобрување на извозот може да влијае врз раст на продуктивноста, вработувањата и БДП, како и побрзо конвергирање на приходите.
Сепак, извозот во регионот останува на многу ниско ниво. Што е тоа што ги држи назад земјите од Западен Балкан?
Постојат многу реформи низ целата економија кои беа споменати во првата сесија, кои обезбедуваат сеопфатна рамка. Оваа сесија се фокусира на тоа што ги чини толку високи трошоците за извоз и увоз во Западен Балкан.
Тарифите не ја прават трговијата толку скапа во регионот, но дозволете да се осврнам на неколку теми кои би ги намалиле трошоците: (i) рационализација на граничните процедури; (ii) намалување на трошоците за логистика; (iii) олеснување на транспортот; и на крај (iv) важноста на мониторингот.
Повеќето од ова е во согласност со веќе предвиденото во Повеќегодишниот акциски план за Регионалната економска зона.
За граничните процедури: Во Западен Балкан, високите трошоци за извоз и увоз најмногу се поврзани со граничната усогласеност и времето на чекање на граница. Ова ги вклучува царинењето и инспекциите од страна на граничните служби. Меѓународното искуство покажува дека придобивките се големи од поедноставување и хармонизација на процедурите и границите и од обезбедување капацитет за справување со трговијата.
Изразено низ бројки: Бројот на камиони и возачи кои се потребни во Западен Балкан заради чекањето на граничните премини е пет пати поголем отколку во ефикасна земја членка на Европската Унија. Камионите поминуваат 26 милиони часови – скоро 3,000 години – годишно на граничните премини во Западен Балкан.
Многу пречки, карактеристични за една земја, може да бидат отстранети со олеснување на трговијата. Првичните чекори може да вклучат имплементација на заеднички гранични контроли и хармонизиран национален едношалтерски систем, воведување систем на авторизиран економски оператор за намалување на потребата од царински контроли и развој на систем за заедничко управување на ризиците кај царините.
За трошоците на трговската логистика: постои простор за големи придобивки. Предвидуваме дека заштедите во регионот може да надминат 900 милиони евра годишно (околу 1 процент од комбинираниот БДП на регионот), ако трошоците за логистика се изедначат со оние од ЕУ.
Многу подобрувања во логистиката се поврзани со оние кои веќе ги спомнав кај царините. Но, постојат и други активности кои може да се земат во предвид. На пример, со активна употреба на Националните совети за олеснување на трговијата може да се донесат заедно приватните и јавни чинители, што во многу земји беше успешно користено во идентификација и адресирање на главните проблеми. Исто така може да се користат новите технологии во изработка на платформи за соработка, кои ќе помогнат во консолидирање на оптоварувањата и намалување на празното работење. Тоа ги намалува трошоците и е добро за животната средина.
Олеснување на транспортот е исто така од суштинско значење. Иако имаше огромни инвестиции во транспортот – преку 12 милијарди евра од 2004 година – овие инвестиции не секогаш се ефикасно користени. Во шесте земји од Западен Балкан, главните транспортни коридори се главно завршени – преку 80 проценти од главната мрежа. Олеснување на транспортот значи премин од создавање капацитет кон подобрување на ефикасноста во користењето на овие средства. Тоа значи:
- Зголемување на фокусот врз одржувањето
- Фокусирање на новите инвестиции врз инфраструктурните застои и завршување на главните коридори
- Реформирање на претпријатијата во државна сопственост од транспортниот сектор
- Отварање транспортни пазари за зголемена конкурентност
- Користење на технологијата за подобрување на транспортната ефикасност и предвидливост.
Високите трошоци на транспортните инвестиции, исто така ја зајакнуваат важноста на адресирање на граничните и логистичките трошоци. Ако илјадници милиони евра се инвестирани во патни или железнички коридори за да се заштедат неколку часа патување, тогаш овие инвестиции се залудни ако камион/воз стои со денови на граничен премин.
И на крај, малку за мониторингот. Достапноста до информациите за тоа какви се вашите транспортни коридори – колку трае времето на патување, колку време трае процедурата на границата, каде се граничните тесни грла – може да биде моќна алатка за реформите. Не може да управувате со она што не може да го измерите. Пристапите за мониторинг, како оние кои ги поддржуваме во Босна и Албанија, користат GPS следење и големи податоци за да ги одржат ниски трошоците за собирање податоци и да можат лесно да се реплицираат. Таа информација може да ви помогне да знаете каде да се насочи вниманието. За вонетарифните бариери, првиот чекор за мониторинг би бил спроведување на анкети на извозниците/увозниците за мерење на процедуралните и регулаторните бариери во трговијата.
Тука, како и насекаде, потребно е партнерство со приватниот сектор. Преку спроведување на редовни анкети на приватните оператори, можно е следење на вонтарифните бариери, кои влијаат врз трговијата и довербата во бизнисот, и да покаже каде треба да се делува.
Во земјите од Западен Балкан постои голем потенцијал за зголемување на трговската, регионалната и глобалната економска интеграција, што ќе придонесе кон посилен, енергичен раст и создавање на работни места. Низа мерки за трговско и транспортно олеснување можат да бидат важен елемент во намалување на трошоците за трговија и постигнување на тој потенцијал.
Светска банка работеше со секоја до земјите на Западен Балкан на овие теми и може многу да се оствари на ниво на држава. Но, придобивките и резултатите ќе бидат уште поголеми, ако на овие теми се осврнеме колективно, на регионално ниво.