Skip to Main Navigation
МИСЛЕЊЕ26 Март 2024

Приказна за продуктивноста и работните места во Северна Македонија

Оваа колумна првично беше објавена на македонски јазик од страна на MIA на 14ти март 2024 година. Сања Маџаревиќ Шујсер е виш економист, а Јоана Маџоска е економист при Светска банка.

Како што се тврди во најновата Систематска дијагностика на земјата Северна Македонија за 2023 година,  придвижувањето од статус на земја со среден доход кон статус на  земја со висок доход ќе бара зајакнување на продуктивноста, инклузијата и одржливоста, намалувајќи ја истовремено зависноста од фосилни горива и енергетскиот интензитет, и сето тоа во услови на стеснет фискален простор, зголемени трошоци за капитал и постојана глобална економска несигурност. И покрај глобалната финансиска криза, одржливото зголемување на доходот на домаќинствата во долните 40 проценти од доходовната дистрибуција ја преполови стапката на сиромаштија на населението на околу 20 проценти, а инклузивниот раст во изминатите години доведе до еден од најголемите падови на нееднаквоста во светот. Сепак, понатамошниот напредок на земјата може да биде запре доколку не се зголеми потенцијалот за раст.

Дури и пред пандемијата, растот на земјата заостануваше зад други слични земји. Со сегашната стапка на раст (која е под 2 проценти) Северна Македонија ќе го достигне просечното ниво на приходи во ЕУ по неколку генерации. Конвергенцијата досега се одвиваше бавно: БДП по глава на жител на Северна Македонија се зголеми од 25 проценти од БДП по глава на жител во Германија (една од главните дестинации за македонските мигранти) во 2000 година на 29 проценти во 2021 година. Овој јаз мора побрзо да се намали за да се запре бранот на иселување на младите работници особено кон таа земја. Извештајот тврди дека ниската продуктивност, особено на фирмите, меѓу другите работи, е тоа што стои зад нискиот потенцијален раст. Зголемувањето на продуктивноста на фирмите е од суштинско значење за да се стимулира растот, но и за да се создадат повеќе високоплатени работни места.

Анкетата за претпријатијата на Светска банка покажа дека продуктивноста на производствените фирми во Северна Македонија била ниска дури и пред избувнувањето на пандемијата и заостанувала зад земјите со слични карактеристики (Слика 1). Продуктивноста на фирмите, пресметана со микро податоци, исто така многу варира помеѓу фирмите: фирмите во 90-от перцентил се во просек четири пати попродуктивни од оние во 10-от перцентил. Трговскиот сектор покажува особено висока дисперзија на продуктивност: фирмите во 90-от перцентил се повеќе од осум пати попродуктивни од фирмите во 10-от перцентил (Слика 2). Таквата висока дисперзија на продуктивноста помеѓу фирмите во истиот сектор е знак за нарушувања на пазарот и неправилна распределба на ресурсите.