Skip to Main Navigation
УДАРНА ТЕМА10 Април 2025

Нова економија на грижа во Северна Македонија: Промена на животот, создавање работни места

НАЈВАЖНИ НАСТАНИ

  • Со поддршка од Светска банка, Северна Македонија воведе нов модел на социјални услуги за оние на кои им е потребна.
  • Повеќе од 1.600 лица, многумина од нив постари, со новата услуга за нега и поддршка во домот сега живеат понезависен живот.
  • Со инвестирање во економијата на грижа во Северна Македонија, стотици жени ширум земјата, вклучително многу Ромки, научија корисни вештини и најдоа нови и попродуктивни работни места.

„Не можам да го замислам животот без неа, таа ми носи толку радост“, вели Роза Михајлоска, говорејќи емотивно за својата негувателка Цветанка Ристеска. За Роза, Цветанка е многу повеќе од негователка - таа е верна придружничка, која овозможува независен, достоинствен и исполнет начин на живот.

Пред само неколку години, овој вид на домашна услуга беше исклучително редок и прескап за повеќето семејства во Северна Македонија да можат да си го дозволат. Со тоа, товарот за грижата беше на членовите на семејството, најчесто жените. За многумина, ова претставуваше значајна бариера за целосно учество на пазарот на трудот, спречувајќи ги овие жени да го достигнат својот целосен економски и социјален потенцијал. Без стручна помош и надзор, овој пристап остави значителни празнини во покриеноста, но  и грижатакоја можеше да ја загрози безбедноста на постарите лица или лицата со попреченост и да ги остави социјално изолирани.

The World Bank
Северна Македонија воведе нов модел на социјални услуги за оние на кои им е потребни.

Инвестирањето економијата на грижа на Северна Македонија го подобрува животот

Како одговор на овој предизвик, Владата на Северна Македонија, со поддршка од Светска банка, го започна Проектот за подобрување на социјалните услуги во Северна Македонија (ППСУ) во 2018 година. Со цел да се  обнови локалната инфраструктура на социјалните услуги, ППСУ работеше не само во проширување на пристапот до основните услуги, туку и во подигнување на стандардите за квалитет.

Една клучна компонента на ППСУ беше развојот и проширувањето на вонинституционалните социјални услуги, како што се домашната грижа и помош за стари лица. Многу возрасни лица немаа пристап до основна грижа, помош во куќата или едноставно некој со кого да разговараат.

„Толку многу ми значи што Цвета доаѓа кај мене дома - внесува живот секој ден. Таа се грижи за мене на безброј начини: подготвува оброци, ми ги организира лековите, па дури и зема намирници кога тоа е потребно. Ние сме заедно една година и четири месеци, споделувајќи љубов која ни го исполнува животот со топлина и радост“, објаснува Роза.

Проектот, исто така, воведе нов пристап за обезбедување социјални услуги преку комбинирање на јавните ресурси со приватната експертиза за нудење нега во домот. Оваа стратегија има за цел подобро да одговори на индивидуалните потреби, истовремено дозволувајќи им на постарите или лицата со попреченост да останат во познато опкружување, со можност за прилагодување на услугите  кога е потребно.

Благодарение на ППСУ, повеќе од 1.600 корисници од 43 општини во Северна Македонија можат да водат поудобен и независен живот. Како резултат на ова достигнување, дополнителни десетици илјади лица ќе ја добијат потребната грижа.

Создавање нови, попродуктивни работни места преку домашна нега

Напорите на ППСУ создадоа можности во рамки на економијата на грижа за лицата кои традиционално се исклучени од пазарот на трудот, особено жените и Ромите. До денес, преку ППСУ услугите вработени се 773 професионални негуватели и 26 координатори.

Една од тие негувателки е Верица Петкоска, која сега работи како професионална медицинска сестра. „Многу сум благодарна за можноста да работам  на тоа што го сакам и за кое учев,“ вели Верица. „Задоволството е взаемно - не само што наоѓам цел во обезбедувањето нега, туку и нашите постари корисници навистина ја ценат услугата. Јас сум тука да ги исполнам нивните потреби и да ги поддржам оние кои зависат од нас.“

ППСУ им овозможи на негувателите – кои вклучуваат мајки, возрасни и млади жени - да ги подобрат своите вештини и да заработат подобар приход, подобрувајќи ги сопствените животи додека истовремено многу лица ја добиваат неопходната услуга преку  економијата на грижа.

Дополнително, иницијативата отвори нови можности за Ромите, најсиромашната заедница во Северна Македонија. Со поддршка од Светска банка и финансирање од Европската Унија, иновативната шема за социјално менторство поддржа 120 Ромки да се приклучат кон работната сила преку економијата на грижа како обучени и сертифицирани даватели на нега.

Со новиот модел за грижа за стари лица и инвестирање во  економијата на грижа, Северна Македонија прави значаен чекор кон градење на поинклузивно и попросперитетно општество за сите.

Блогови

    loader image

НОВОСТИ

    loader image