Skip to Main Navigation
СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ 11 Октомври 2018

Ако ПЈР Македонија преземе мерки сега, децата родени денес би можеле да бидат поздрави, побогати, попродуктивни

Новиот индекс за човечкиот капитал изготвен од страна на Светска банка, мери колку земјите губат од економската продуктивност  поради недоволното вложување во своите луѓе

Скопје, 11 октомври, 2018 година — Новото истражување на Светска банка, објавено денес, им дава на креаторите на политики уверливи докази дека испорачувањето на подобри резултати во смисла на здравјето и учењето на децата може значително да ги зголеми приходите на луѓето – и на земјите – со значителни придобивки на долг рок.

Човечкиот капитал – знаењето, вештините и здравјето, што луѓето го стекнуваат во текот на својот живот – е клучен фактор за одржаниот економски раст и стапките на намалување на сиромаштијата во многу земји во 20-тиот век, особено во источна Азија.

„За најсиромашните луѓе, човечкиот капитал е најчесто единствениот капитал што го имаат,“ изјави претседателот на Групацијата Светска банка Џим Јонг Ким. „Човечкиот капитал е еден од клучните двигатели на одржливиот, инклузивниот економски раст, но здравјето и учењето на луѓето сепак не го добиваат вниманието кое го заслужуваат. Сакам овој индекс – кој директно ги поврзува исходите во здравјето и во образованието со идната продуктивност – да ги поттикне земјите на преземат мерки за подобрување на резултатите.“

„Очекувањата се зголемуваат за сите“, додаде Ким. „Човечкиот капитал е важен за сите земји и за сите нивоа на приходи да можат да се натпреваруваат на полето на економијата во иднина.“

Индексот на човечкиот капитал (ИЧК), покажува дека дете родено во ПЈР Македонија денес ќе достигне 53 проценти од својот потенцијален човечки капитал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и биде потполно здраво. Во ПЈР Македонија, ИЧК кај девојчињата е повисок отколку кај момчињата, односно изнесува 0,55 во споредба со 0,52 на скала од 0 до 1.

Индексот на човечкиот капитал на ПЈР Македонија е понизок отколку просекот на регионот и група на приходи. Децата во ПЈР Македонија, додека наполнат 18 години се очекува да завршат 11,2 години од предучилишно, основно и средно образование. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 6,8 години што значи дека има јаз во учењето од 4,4 години. Всушност, ИЧК укажува дека дете родено денес во ПЈР Македонија кога ќе порасне ќе биде продуктивно 53 проценти од она што би можело да биде ако имало целосно образование и било целосно здраво. Во врска со резултатите во здравството, извештајот покажува дека 99 од 100 деца родени во ПЈР Македонија доживуваат до 5 годишна возраст.

„Вредноста на индексот, особено вредноста на образовните показатели укажуваат на итно преземање мерки.  Се чини дека досегашните реформи не го трансформирале образовниот систем доволно за да им помогне на мнозинството ученици да ги достигнат барем основните знаења,“ вели Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка во ПЈР Македонија. „Темелна анализа на податоците од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) е првиот чекор во ангажирањево  сериозна дискусија за можните активности на јавните политики и реформи кои се навистина насочени кон подобрувањето на образовните исходи во ПЈР Македонија. Важно е земјата и понатаму да учествува во меѓународните оценувања од голем обем за следење на квалитетот на образовниот систем“.

Доказите покажуваат дека може да се постигне напредок. Во Полска беа донесени образовни реформи во периодот помеѓу 1990 и 2015 година и земјата забележа едно од најбрзите подобрувања на резултатите на ПИСА во земјите на ОЕЦД.  Виетнам неодамна постигна подобар резултат од просечниот резултат на ПИСА во ОЕЦД.

Во моментов, Светска банка ги поддржува напорите на ПЈР Македонија за зајакнување на техничкото средно стручно образование и обука и високото образование преку Проектот за развој на вештините и поддршка на иновациите (со кредит во износ од 24 милиони долари). Целта е да се подобри транспарентноста на распределбата на ресурсите и да се унапреди отчетноста во високото образование, да се подобри релевантноста на средното техничко стручно образование, како и да се поддржат капацитетите за иновации во ПЈР Македонија.

Светската банка исто така ја поддржува ПЈР Македонија во насока на подобрување на пристапот до квалитетно рано детско образование и детска нега за сите деца, особено за децата од социјално ранливите групи, преку Проектот за подобрување на социјалните услуги (кредит од 33,4 милиони долари). Со овој проект ќе се подобри подготвеноста за  училиште, што е од витално значење за доживотниот развој на вештините и зајакнување на конкурентноста на економијата на земјата на долг рок.

Информации за контакт:

Во Бали:      Никол Фрост +1 (202) 415-6302, nfrost@worldbank.org

Дејвид Теис +1 (202) 203-0601, dtheis@worldbank.org

Во Вашингтон: Кристофер Валш, (202) 473-4594, cwalsh@worldbankgroup.org

Во Македонија: Анита Божиновска - +389 2 3117 159, abozinovska@worldbank.org

За барања за емитување: Хума Имтиаз, +1 (202) 290-4864, himtiaz@worldbankgroup.org

#InvestInPeople #HumanCapital

Интернет страница: www.worldbank.org/humancapitalproject


СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ: 2019/ECA/41

Api
Api