Скопје, 15ти декември 2023 година – Светска банка ќе обезбеди заем во вредност од 93,8 милиони евра за Северна Македонија, со цел зајакнување на фискалната позиција и финансискиот сектор во земјата, како и поддржување на нејзината зелена транзиција.
Новото финансирање во рамките на Операцијата за развојна политика на одржливост и отпорност на Северна Македонија, одобрена денес од страна на Бордот на директори на Светска банка, е во согласност со макроекономските приоритети на Северна Македонија, според Фискалната стратегија 2024-2028 и Програмата за економски реформи 2023-2025 на Владата.
„Северна Македонија, како и други земји во Европа, се соочува со континуирани инфлаторни притисоци, што ги оптоварува јавните финансии во услови на монетарно затегање и зголемени трошоци за задолжување“, рече Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светка банка за Северна Македонија и Косово. „Со оваа поддршка, наша цел е да обезбедиме брзи финансиски средства за зајакнување на фискалната одржливост, истовремено поддржувајќи ги неопходните климатски реформи и енергетската транзиција на земјата“.
Новата операција на Светска банка ги поддржува напорите за намалување на зависноста од фосилни горива на Северна Македонија преку подобрена енергетска ефикасност во јавниот сектор, зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија и подобро собирање на податоци во врска со изложеноста на банкарскиот сектор на климатските ризици.
Реформите може да ѝ помогнат на земјата во привлекување на околу 45 милиони евра приватни инвестиции за обновлива енергија, вклучително и инсталација на соларни панели, до 2026 година.
„Соработувавме заедно со меѓународните партнери за да се осигуриме дека нашата поддршка на политики и техничка помош се комплементарни и усогласени со агендата за пристапување кон Европската унија“, рече Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист за Западен Балкан при Светска банка. „Се надеваме дека оваа соработка ќе ја зајакне посветеноста на Владата за реформи во здрави макроекономски политики и стабилност на финансискиот сектор“.
Заемот од Светска банка се состои од единечна транша за повлекување од 93,8 милиони евра со рок на доспевање од 11 години, вклучувајќи 4,5 години грејс период.