publication
Македонија – Преглед на јавните расходи: Фискална политика за раст


Македонија успеа да ја сочува макроекономската стабилност во услови на негативни шокови. Макроекономските политики беа насочени кон сочувување на ценовната стабилност и контролиран надворешен баланс, со домашната валута врзана за еврото. Големината на владата на Македонија поволно се споредува во однос на повеќето земји со слично ниво на приход по глава на жител. Владата имплементираше структурни реформи за подобрување на бизнис климата, со што Македонија стана еден од топ реформаторите според рангирањето Дуинг бизнис 2015 на Светска банка и го поттикна растот на СДИ во просек за 4,2 проценти од БНП годишно во периодот од 2006 до 2014 година.

Соочена со двојна рецесија од кризата во 2008 година, владата се ангажираше во експанзивна фискална политика, што овозможи одржување на растот и вработувањата, но резултираше со зголемен јавен долг од ниско на умерено ниво. Јавниот долг на Македонија беше на ниво од 45,7 проценти од БНД во 2002 година, кога земјата излезе од конфликтот во 2001 година. Солидниот раст, здравата фискална политика и предвреме отплатениот долг кон Парискиот клуб овозможија намалување на јавниот долг на земјата на 23,0 проценти од БНП во 2008 година – што е најниско ново во изминатата деценија. Од тогаш, јавниот долг постепено се зголеми на 46 проценти во 2014 година, се уште под нивото на земјите од ЈИЕ6 од 52,6 проценти во 2014 година. 

Извештај (ПДФ)

Неколку слабости дојдоа до израз како резултати на фискалната експанзија во последните години. Ги издвојуваме главните три: 

  • Слабостите во Управувањето со јавните финансии (УЈФ) станаа поочигледни. Од 2011 година фискалните дефицити се зголемија и владата ги пропушти фискалните цели поставени во буџетот помеѓу 2012 и 2014 година. Извршувањето на буџетот, особено на капиталната потрошувачка, остана слабо, поттикнувајќи ја владата да тргне голем дел од транспортната потрошувачка надвор од буџетот во 2013 година. Како резултат на тоа, буџетската транспаретност се намали.
  • Ефикасноста на јавната потрошувачка останува ниска. Споредено со другите земји во регионот, владата би можела да ги постигне истите секторски резултати со помала потрошувачка, особено во образованието, инфраструктурата и социјалната заштита. Извештајот исто така идентификува значителни загуби на ефикасноста кај субвенциите во земјоделството и здравството.
  • Предвиден е умерен раст на јавниот долг според основното сценарио предвидено во извештајот, но се очекува рапидно да се зголеми ако сегашната Програма на владата за 2014-2018 година биде целосно имплементирана. Програмата на владата има за цел подобрување на благосостојбата на сите граѓани во Македонија преку зајакнување на економскиот раст и конкуретноста, како и преку голем опсег на инфраструктурни инвестиции. Иако ова е за пофалба, сепак важна е соодветна приоритизација меѓу програмските компоненти со цел да се избегне рапидно зголемување на долгот на ниво на кое би се оспорила одржливоста.

Извештајот предлага македонските власти да направат одржливи напори во зајакнување на упрарувањето со јавните финансии, да ја подобрат ефикасноста на јавната потрошувачка и ублажување на амбициозните планови за зголемени инфраструктурни инвестиции, со поголем фокус врз квалитетот на инвестициската потрошувачка. Со релативно ниско ниво на приходи и ригиден состав на расходите - 90 проценти од вкупните расходи се за тековни трошоци, а повеќе од 25 отсто од сегашните трошоци се поврзани со пензиите – малку веројатно е дека поддршката на растот ќе дојде од понатамошно кратење на даноците или преку големите зголемувања на потрошувачката, бидејќи тие би го зголемиле владиниот долг. Одржување на нивото на долгот е особено важно во сегашното несигурно надворешно политичко опкружување.

Извештајот идентификува краткорочни и среднорочни можности на политиките во некои главни области.  Опциите за политики се фокусираат врз зајакнување на Управувањето со јавните финансии, управување со потрошувачката и реформи во секторите здравство и транспорт. Дополнително, реформите на фискалните приходи и пензиите остануваат клучни за идната фискална одржливост.