СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ 11 Април 2018

Повеќе работни места во Западен Балкан, но растот е побавен во ПЈР Македонија во 2017 година

ВИЕНА, 11 април 2018 година – Растот во Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, ПЈР Македонија, Црна Гора и Србија – се намали во 2017 година и покрај отворањето на 190.000 нови работни места во првите девет месеци од таа година: Според најновиот Редовен економски извештај на Светска банка за Западен Балкан (РЕР), Ранливоста го забавува растот, БДП во регионот се намали од 3,1 процент во 2016 година на проценети 2,4 проценти во 2017, како резултат на острата зима и на помалите инвестиции. Растот се прогнозира да се зголеми на 3,2 проценти во 2018 и 3,5 проценти во 2019 година.

„Трендот што го гледаме во регионот е позитивен,’ вели Линда Ван Гелдер, регионален директор во Светска банка за земјите од Западен Балкан, „сè повеќе луѓе наоѓаат работа, а платите полека се зголемуваат. Меѓутоа, растот е ранлив од домашни и надворешни шокови што се потврди со забавувањето на растот во 2017 година. Поробусниот раст што го прогнозираме за следните години е условен од вистинската комбинација на политики и регулативи за намалување на ранливоста од шокови и за поддршка на растот.“

Особено студената зима доведе до поголем увоз на енергија, големите инфраструктурни проекти бараа повеќе опрема од странство и повеќе стоки беа увезени за да се задоволи поголемата потрошувачка – што резултираше со одредено намалување на проценката за растот во 2017 година од претходната, од 2,6 проценти на 2,4 проценти. Растот на БДП од помеѓу 3 проценти и 4,4 проценти во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора беше анулиран со немањето раст во ПЈР Македонија и зголемувањето од само 1,9 проценти во Србија – најголемата економија во регионот. Во целина, перспективите се позитивни, бидејќи растот во Србија и во ПЈР Македонија закрепнува од тековните шокови, во Босна и Херцеговина и во Косово се зголемуваат инвестициите, додека растот во Албанија и во Црна Гора забавува со привршувањето на големите инвестициски проекти и со продолжувањето на многу потребната фискална консолидација во Црна Гора.

„Економското влијание на политичката криза во ПЈР Македонија беше подолго од очекуваното. Растот забави на нула во 2017 година, заради големото намалување на инвестициите“ вели Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка во ПЈР Македонија. „Но, економијата веќе започнува да закрепнува во 2018 година, предводена од потрошувачката и закрепнувањето на инвестициите. Нашите прогнози се позитивни за блиска иднина“.

Вработеноста, особено во трговијата на големо и на мало – расте во регионот и сите шест земји во 2017 година имаат зголемување на бројот на работни места. Просечната стапка на вработеност во Западен Балкан постојано расте и во септември 2017 година достигнува 42,6 проценти. Невработеноста во регионот е за 5,6 проценти пониска отколку во претходната година, а невработеноста кај младите опадна од 37,5 проценти во 2016 на 31,5 проценти во 2017 година. Меѓутоа, според извештајот, темпото на отворање нови работни места забавува и стапката на раст на вработеноста на годишно ниво падна од 4,5 проценти во 2016 на 3,2 проценти во септември 2017 година.

За да се поттикне отворањето работни места и да се поддржи одржливиот развој на среден рок, извештајот повикува на смели структурни реформи. Шоковите поврзани со временските услови, како што се острите зими и неочекуваните природни катастрофи, како и ранливостите специфични за одредени земји, како што се политичката несигурност и понатаму го загрозуваат растот во регионот. Земјите можат да се борат со ефектите на овие ранливости преку воведување реформи со кои се промовира развојот на приватниот сектор и се намалуваат пречките за учество во работната сила. Со политиките со кои се зголемува како физичкиот така и човечкиот капитал, се поттикнува вработеноста и се подобруваат пазарните институции може истовремено да се зголеми потенцијалот за раст на земјите во регионот и да се намали нееднаквоста.


СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ: 2018/ECA/87

Контакт

Скопје
Анита Божиновска
abozinovska@worldbank.org
Вашингтон
Ким Смитис
ksmithies@worldbank.org
Api
Api