СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ

Дуинг бизнис 2015: Македонија повторно помеѓу највисоко рангираните во регионот

29 Октомври 2014


Вашингтон, 29 октомври 2014 – Новиот извештај  Дуинг бизнис на Групацијата Светска банка покажува дека 85 проценти од економиите во Европа и Централна Азија имплементирале барем една регулаторна реформа со цел олеснување на водење бизнис за локалните претприемачи во 2013/14 година, што преставува поголем процент од било кој друг во регионот.

Дуинг бизнис 2015: Повеќе од ефикасност покажува дека во изминатата година економиите во Европа и Централна Азија уште повеќего подобрија регулаторното опкружување за локалните претприемачи, додавајќи на придобивките од последната декада. На пример, пред 10 години, за започнување нов бизнис на македонски претприемач му требаа 48 дена. Денес, тој процес може да биде завршен за 2 дена.

“Економиите во Европа и Централна Азија постојано се предводници во светот во регулаторни реформи“,  рече Рита Рамало, главен автор на извештајот Дуинг бизнис, на Групација Светска банка. “Посветеноста на владите во подобрување на регулаторното опкружување за претприемачите овозможи затворање на јазот со највисоко рангираните во некои области. На пример, просечното време за регистрација на имот во регионот се намали за 14 дена од 2010 година, правејќи го процесот побрз од земјите со висок приход на ОЕЦД“.

Дуинг бизнис покажува дека Азербејџан и Таџикистан се меѓу највисоко рангираните во светот во 2013-14 година во области од бизнис регулативите мерени со извештајот. Сепак, предизвиците остануваат за двете земји. На пример, добивање приклучоци на електрична мрежа е подолго за претприемачите во овие две земји отколку на нивните колеги во останатите економии на Европа и Централна Азија.

Извештајот покажува дека Сингапур се наоѓа на врвот од глобалното рангирање во леснотијата на водење бизнис. На листата најдобри 10 економии со најдобри регулаторни опкружувања за водење бизнис се придружуваат Нов Зеланд, Хонг Конг, Кина; Данска; Република Кореја; Норвешка; Соединетите Американски Држави; Обединетото Кралство; Финска и Австралија.

Иако регулаторната рамка за претприемништво продолжува да се подобрува, предизвиците во економиите во регионот остануваат, истакнувајќи ја потребата од понатамошни регулаторни реформи. Тоа особено важи во дејности како градежни дозволи, добивање електрична енергија и прекугранична трговија, сите дејности во кои регионалните економии се во просек во долната половина од глобалното рангирање.

Оваа година, за прв пат, Дуинг бизнис собираше податоци за втор град во 11 економии со број на население поголем од 100 милиони жители. Во Руската федерација, извештајот сега анализира бизнис регулативи во Москва и во Санкт Петерсбург. Извештајот открива дека разликите помеѓу градовите се заеднички во индикаторите кои ги мерат чекорите, времето и трошоците за завршување на регулаторните трансакции, каде локалните институции имаат поголема улога.

Извештајот годинава ги проширува податоците за три од 10 теми кои ги покрива, додека за следната година планира да го направи истото за уште пет теми. Дополнително, рангирањето во леснотијата на водење бизнис сега е базирано на резултатот од оддалеченоста од границата. Оваа мерка покажува колку секоја економија се наоѓа близу до најдобрите глобални практики во бизнис регулативите. Повисок резултат покажува поефикасно бизнис опкружување и посилни правни институции.

Примената на новата методологија во годинешниот извештај не влијаеше значително врз рангирањето на земјите и истата методологија беше ретроактивно применета врз минатогодишните податоци за мерење на напредокот. Македонија останува помеѓу највисоко рангираните земји во леснотијата на водење бизнис, подобрувајќи го рангирањето од 31-во место минатата година (пресметано според новата методологија) на 30-то место во годинешниот извештај. Македонија, исто така, се приближи до најдобрите глобални практики, што е поважна мерка за напредок од рангирањето, бидејќи не влијае на релативните резултати на другите земји.

Новото мерење “оддалеченост од границата“ покажува како секоја економија котира во однос на најдобрите глобални практики, највисок  резултат разгледуван на секој од индикаторите во сите економии кои се мерат со Дуинг бизнис. Бидејќи оддалеченоста од границата на една економија се покажува на скала од 0 до 100, при што 0 претставува најслаб резултат, а 100 преставува граница. Според Дуинг бизнис 2015, резултатот на Македонија е 74,1 процентни, што е подобрување за  1,4 процентни бодови од 2014 година. Македонија го олесни започнувањето бизнис правејќи ја електронската  регистрацијата бесплатна. Исто така, ја зајакна заштитата на малцинските инвеститори преку барање на претходен преглед на трансакциите со поврзаната страна од надворешен ревизор. Понатаму, го олесни решавањето на неликвидноста преку воспоставување рамка за електронска аукција на средствата на должникот, рационализација и намалување на временската рамка на процедурите за неликвидност и формирање рамка за вонсудско стечајно преструктурирање.

За серијата извештаи Дуинг бизнис

Годишниот извештај Doing Business на Групацијата Светска банка ги анализира регулативите кои се применуваат на деловното работење во економиите во текот на нивниот животен циклус, вклучувајќи ги започнувањето и работењето, прекугранична трговија, плаќање даноци и решавање на неликвидноста. Збирното рангирање за леснотијата на водњето бизнис се базира на 10 индикатори и опфаќа 189 економии. Doing Business не ги мери сите аспекти на деловното опкружување кои се важни за компаниите и инвеститорите. На пример, не се мери квалитетот на фискалното управување, други аспекти на макроекономската стабилност, степенот на вештините на работната сила или издржливоста на финансиските системи. Наодите на Извештајот поттикнаа дебати насекаде низ светот и овозможија бројни истражувања за тоа како регулативите на ниво на компании се поврзани со економските резултати во економиите. Секоја година тимот на Извештајот работи на подобрување на методологијата и собирањето податоци, анализи и резултати. Проектот имаше корист од повратни информации од многу чинители во текот на изминатите години. Со цел да обезбеди објективна база за разбирање и подобрување на локалното регулаторно опкружување за бизнис насекаде во светот, проектот минува низ детални проверки за да се обезбеди квалитет и ефективност. Овогодинешниот Извештај го одбележува 12-то издание од глобалната серија на Doing Business. За повеќе информации околу извештајот Doing Business, ве молиме посетете ја веб страната www.doingbusiness.org и придружете нѝ се на doingbusiness.org/Facebook.

За Групацијата Светска банка

Групацијата Светска банка има клучна улога во глобалните напори за ставање крај на ектремната сиромаштија и поттикнување заеднички просперитет. Групацијата ја сочинуваат пет институции: Меѓународната банка за обнова и развој (IBRD) и Меѓународната развојна асоцијација (IDA); Меѓународната финансиска корпорација (IFC); Мултилатералната Агенција за гаранција на инвестиции (MIGA); и Меѓународниот центар за порамнување на инвестициски спорови (ICSID). Работејќи заедно во повеќе од 100 земји, овие институции обезбедуваат финансирање, совети и други решенија, кои овозможуваат земјите да се справат со најитните развојни предизвици. За повеќе информациии, посетете ги веб страните www.worldbank.org, www.miga.org, и www.ifc.org.



Контакт за медиуми
Во Вашингтон
Надин Ганам
tel : +1 (202) 473-3011
nsghannam@ifc.org
За регионот Европа и Централна Азија
Кристин Шрадер-Кинг
tel : +1 (202) 458-2736
kschrader@worldbank.org
Слободан Бркиќ
tel : +381 (11) 30-23-750
sbrkic@ifc.org


СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ:
2015/ECA/030

Api
Api

Welcome