Оваа страница на:

СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ

Изјава на Светска банка во врска со предложениот Проект за регулирање на водата и обновлива енергија Луково поле

24 Јануари 2014

Тирана, 24 јануари 2014 година – На барање на Владата на Република Македонија, во 2011 година Светска банка се согласи да ја разгледа поддршката за предложениот Проект за регулирање на водата и обновлива енергија Луково поле. Предложениот проект има за цел да помогне во зголемено користење на обновлива енергија и подобри капацитетот за складирање вода, намалувајќи ја ранливоста од можните варијации на врнежи. Со тоа ќе се зголеми производството на електрична енергија од трите постоечки хидроелектрани кои моментално работат во регионот на Маврово, преку изградба на брана за складирање со мал резервоар, како и мала хидроцентрала.

Некои од предложените интервенции на проектот вклучуваат користење на водата од реката Радика, кои ќе бидат пренасочени кон басенот на реката Вардар. Албанија, Грција, Косово и Србија се засегнатите страни и како такви ќе бидат консултирани при дизајнот на предложениот проект пред било каква одлука за финансирање од страна на Светска банка. Предложениот проект е се уште во фаза на дизајн и до сега не е преземена ниту една одлука.

Првичните проценки покажуваат дека предложениот проект би имал мало влијание врз количеството пренасочена вода од реката Радика. Количеството се очекува да биде многу под дозволеното пренасочување вода од 8 кубни метри во секунда воспоставено во 1962 година со меѓународен договор помеѓу Албанија и тогашна Југославија (последователно ратификуван од Македонија) и моментално во сила.

Под раководство на компанијата за производство на електрична енергија на Македонија, ЕЛЕМ, мешовити тимови составени од меѓународни и домашни консултанти моментално спроведуваат геолошки истражувања, ги ажурираат техничките проекти и ја финализираат Студијата за оценка на влијанијата врз животната средина и социјалните аспекти, со цел да се обезбедат највисоки стандарди во врска со управувањето со природните ресурси, биодиверзитетот и растителните живеалишта во согласност со политиките за заштита на Светска банка. Тоа вклучува усогласеност со следните политики за заштита на животната средина и социјална заштита на Светска банка: OP4.01 (Оценка за животната средина), OP 4.04 (Природни живеалишта), OP4.12 (Присилно преселување/откуп на земјиште) и OP 7.50(меѓународни текови на реки), како и OP4.11 (физички културни ресурси).

Сите национални, ЕУ и стандарди на Светска банка ќе бидат преземени во процесот на длабинска анализа, вклучувајќи го и известувањето до сите засегнати држави, кога ќе биде подготвен деталниот предлог технички проект. Светска банка е охрабрена со тоа што владите на Албанија и Македонија ја зајакнуваат взаемната соработка во енергетскиот сектор и се консултираат во раната фаза на дизајнот од предложениот проект, со што се зголемува ефикасноста на постоечките хидроенергетски ресурси со цел зголемено користењето на чиста, обновлива енергија во Југоисточна Европа.

Контакт за медиуми
СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ:
2014/ECA/038