УДАРНА ТЕМА

Постигнување поинклузивен раст во Македонија

27 Октомври 2014


World Bank Group

НАЈВАЖНИ НАСТАНИ
  • Новата Стратегија за партнерство со земјата за Македонија ја изложува стратегијата на Групацијата Светска банка за ангажирање со земјата во следните четири години.
  • Стратегијата има за цел да се надоврзе на досегашните резултати на раст и создавање работни места во Македонија, за да обезбеди дека растот ќе се претвори во значително намалување на сиромаштијата и во заеднички просперитет.
  • Тема која се проткајува во стратегијата е усогласување на поддршката на Групацијата Светска банка со агендата за пристап кон Европската унија и користење на средствата на Банката за поттикнување на апсорбцијата на средствата од ЕУ.

Повеќе од дваесет години Групацијата Светска банка е посветен партнер на Република Македонија во нејзината транзиција од социјалистичка во пазарно-ориентирана економија, како и нејзината долгорочна аспирација за приклучување кон Европската унија. Македонија оствари голем економски и социјален напредок од нејзината независност во 1991 година, спроведувајќи значајни реформи во приватизација и отварање на својата економија, подобрување на инвестициската клима и модернизација на јавниот сектор.

Земјата има солиден учинок во прудентно макроекономско управување, што овозможи одржување на позитивен раст и зголемување на вработеноста за време на глобалната финансиска криза. Како резултат на тоа, невработеноста се намали од 38% во 2002 година на 28% во 2013 година, додека приходот по жител се искачи од 25% од просекот во ЕУ во 2002 година на 35% во 2013 година.

Иако невработеноста значително се намали, уште треба да се направи за да се осигура дека се достапни повеќе и подобри работни места и  дека сите сегменти на македонското општество може да учествуваат во вработеноста и економските можности. И додека вистинскиот раст го достигна просекот од 3,2% годишно во изминатите десет години – што е импресивно постигнување на европскиот континент – оваа бројка се уште не ги достигнува 4.5% или повеќе кои и се потребни на Македонија за да ги достигне стандардите на новите ЕУ членки во следните 20 години.



" Забрзување на растот е приоритет, но исто така e и обезбедување растот да биде поинклузивен. "

Елен Голдстин

директор за регионот на Југоисточна Европа при Светска банка



Image

“Забрзување на растот е приоритет, но исто така e и  обезбедување растот да биде поинклузивен“, вели Елен Голдстин, директор за регионот на Југоисточна Европа при Светска банка. “Достапните податоци покажуваат дека растот се уште не е претворен во значително намалување на сиромаштијата или подобрување на благосостојбата на најдолните 40% од распределбата на приходите. Потребни се посилни напори за да се срушат бариерите за економско учество помеѓу маргинализираните групи, влучувајќи ги жените и малцинствата.“

Мерењето на напредокот во однос на сиромаштијата и заедничкиот просперитет во Македонија е комплицирано поради сензитивности поврзани со достапноста и квалитетот на податоци за домаќинствата. Миграцијата кон надвор е голема, а спроведувањето нов попис се покажа како предизвик од 2002 година. Стапките на одговор на анкетата за буџет на домаќинствата, што претставува главен извор на информации за сиромаштијата, се намалија со текот на времето. Банката работи заедно со Владата во обид да се надминат овие статистички ограничувања.

Новата Стратегија за партнерство со земјата на Групацијата Светска банка за Македонија беше одобрена од Бордот на извршни директори на 16 октомври. Целта на стратегијата е да се забрза растот, правејќи го поинклузивен, така што сите сегменти на општеството ќе имаат корист од создавање работни места и зголемен приход. Темата која се проткајува е во поддршка на долгорочната агенда за пристап кон ЕУ, вклучувајќи искористување средства од Банката за зголемување на апсорпција на помошта од ЕУ. Новата Стратегија ја поддржува економската програма на Владата за периодот 2014-2018 година.

“Оваа стратегија ја покажува подготвеноста на Владата на Република Македонија да продолжи по патот на раст и реформи, кој помогна во поттикнување на благосостојбата и намалување на невработеноста во изминатите 8 години“, вели Зоран Ставрески, Заменик претседател на владата и министер за финансии. “Ние имаме јасна визија за развој базиран на економски раст преку конкурентност, кој ќе се постигне преку понатамошни подобрувања на бизнис климата, инфраструктурата и човечкиот капитал. Симултаниот фокус на вештини и инклузија исто така преставува еднакво важна посветеност кон агендата за инклузија – препознавајќи дека придобивките од растот може да бидат споделени пошироко кога сите Македонци имаат пристап до подобри работни места, вештини и подобрени јавни услуги“.

Фокусот на првиот столб од Стратегијата на раст и конкурентност е надополнет со втор столб, кој се осврнува на начини за подобрување на вештините и вработеноста, како и зголемување на инклузијата.

“Како мала, отворена економија, Македонија треба да се потпре на извозот и зголемената конкурентност за да одржи долгорочен раст“, вели Татјана Проскурјакова, директор на Канцеларијата на Светска банка во Скопје. “Подобрувањето на конкурентноста бара време и напор, а исто така бара инвестиции во вештини и иновации. Како што ќе стануваат локалните компании пософистицирани  и ќе расте нивото на вештини, тие се повеќе ќе бидат во можност да се придружат во глобалните ланци на производство, искористувајќи ја целосно предноста од можностите кои странските директнти инвестиции ги носат во Македонија. Тоа ќе создаде повеќе и подобри работни места за граѓаните од сите сегменти на општеството.“

Работните места преставуваат централно место во инклузивната агенда на земјата, но друг значаен дел од приказната е подобар квалитет и ефикасност на системот за социјална заштита и основни услуги. Преку интервенции како што се тековниот Проект за условени парични трансфери и Проект за подобрување на општинските услуги, Банката може да помогне во намалување на јазот со кој се соочени некои делови од македонското општество, со отстранување на бариерите за учествување на маргинализираните групи.

Општо земено, Банката ќе работи на зајакнување на фискалната транспарентност и ефикасноста и селективноста на јавната потрошувачка, вклучително и фокусирање на инвестициските приоритети кои имаат највисока економска и социјална корист. Банката работи заедно со Владата на завршување на Прегледот на јавни финасии за идентификација на можности за понатамошно зајакнување на буџетското формулирање, извршување и контрола, како интегрален дел од агендата на ЕУ за економско управување на Република Македонија.



Api
Api