ВАШИНГТОН, 7 октомври 2025 година — Економскиот раст во Европа и Централна Азија (ЕЦА) забави, но регионот и понатаму е отпорен во услови на глобални и регионални предизвици, се вели во најновиот Економски извештај за Европа и Централна Азија: Работни места и просперитет на Светска банка, објавен денес.
Регионалниот БДП веројатно ќе забележи реален раст од 2,4 проценти што претставува намалување во однос на 3,7 проценти во 2024 година, главно под влијание на послабото темпо на раст во Руската Федерација. Не вклучувајќи ја Русија, која сочинува околу 40 проценти од производството во регионот, растот веројатно ќе забележи мала промена и ќе изнесува околу 3,3 проценти, во оваа и следната година.
„Економиите во развој во регионот треба да преземат смели реформи за преточување на отпорноста во посилен раст на продуктивноста, производството и на работните места што ќе одговори на демографските промени и ќе ги искористи нивните природни предности,“ изјави Антонела Басани, потпретседателка на Светска банка за Европа и Централна Азија. „Важно е земјите да го зајакнат својот приватен сектор, да го подобрат образованието и подобро да се поврзат на интернационално, регионално и домашно ниво, привлекувајќи повеќе приватен капитал. Предизвикот на регионот е да ги зголеми можностите за работа и да ги трансформира работните места со ниски вештини во високо квалитетни вработувања.“
Во посебен фокус на работните места, во извештајот се констатира дека инвестирањето во инфраструктурата, подобрувањето на деловното опкружување и мобилизирањето на приватен капитал ќе биде клучно за поттикнување на продуктивноста.
Земјите треба да започнат со инвестирање во основата за работни места - физичка и човечка инфраструктура. Подобрувањето на квалитетот на образованието, особено стручното и високото образование, е исто така неопходно. Сè уште постои неискористен потенцијал кај жените и младите, кои се недоволно застапени во работната сила.
Во регионот, во последните децении беа отворени значителен број работни места, но забавувањето на растот, слабата продуктивност и слабиот моментум на реформите ги нагласуваат предизвиците во оваа област. Иако вработеноста во ЕЦА во последните 15 години се зголеми за 12 проценти, особено во услугите што сега сочинуваат повеќе од половина од работните места, во извештајот се утврдува дека најголемите можности се кај работните места што бараат ниски вештини со ограничен потенцијал за заработка.
Демографските предизвици се закануваат на отпорноста на пазарот на труд: работоспособното население се проектира дека ќе се намали за 17 милиони во следните неколку децении, намалување што е концентрирано во Источна и во Централна Европа и во Западен Балкан. Во Централна Азија и во Турција, работоспособното население ќе расте што ќе прави друг вид притисок врз пазарот на труд. Структурните пречки, како што се мноштвото релативно мали фирми што ретко се зголемуваат, неразвиените пазари на кредити и на ризичен капитал, неквалитетното образование и системи за обука, слабата конкуренција и претпријатијата во државна сопственост (ПДС), го ограничуваат потенцијалот на ЕЦА и ги намалуваат динамиката на бизнисот и пазарната ефикасност.
„Секоја земја може да го прилагоди својот пристап за најдобро да ги искористи своите средства -човечкиот талент, физичката инфраструктура, институциите и природните ресурси,“ изјави Ивајло Изворски, главен економист на Светска банка за Европа и Централна Азија. „Проширувањето на можностите за работа може да биде корисно за скоро сите работници бидејќи различните дејности бараат различни вештини. Фокусирањето на овие области им дава вистински избор на креаторите на политиките да се справат со предизвиците во областа на работните места и да генерираат раст.“