СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ

Раст со работни места во Европа и централна Азија

7 Ноември 2013



Светска банка препорачува активности за создавање повеќе работни места и за нивна поголема достапност

Варшава, 7 ноември 2013 година – Невработеноста во Европа и централна Азија (ЕЦА) е висока и создавањето работни места е слабо и покрај импресивните реформски напори во многу земји во регионот и деценијата на силен економски раст пред кризата од 2009 година, се вели во новиот извештај на Светска банка, „Назад на работа: Раст со работни места во Европа и централна Азија“.

„Работните места се клучни за извлекување на луѓето од сиромаштијата и обезбедување дека просперитетот го споделуваат сите. Добрите работни места можат да ги поттикнат луѓето и да го подигнат нивниот глас и учество во општеството,“ рече Лора Тук, потпретседател на Светска банка за Европа и централна Азија. „Нѐ притиска предизвикот на работните места во земјите на Европа и централна Азија. Но, тој не е нерешлив, а добрата вест е дека многу земји во регионот веќе се на вистинскиот пат, правејќи ги потребните реформи. Се надеваме дека анализата и препораките на нашиот нов извештај ќе им обезбедат понатамошни информации на креаторите на политики во регионот.“

Во извештајот се препорачуваат активности во две главни области на политиките за да се отворат повеќе и подобри работни места во ЕЦА:

·         Поставување на темелите за создавање работни места преку поволно макроекономско и деловно опкружување кое на постојните фирми им овозможува да растат, а на новите да се создаваат и да успеат или да пропаднат брзо и со ниски трошоци, и

·         Поддршка на работниците да ги искористат новите можности за вработување, имајќи  вистински вештини и поттик за работа, непречен пристап до пазарот на труд и можност да се преселат во места со поголем потенцијал за создавање работни места.

                                           Стапка на невработеност

Image

Според извештајот, создавањето работни места во регионот беше бавно дури и пред кризата (2000 – 2007 година) кога регионот имаше раст побрз отколку многу други растечки економии. Економиите на ЕЦА, а особено нивото на вработеност беа тешко погодени од кризата во 2009 година, а создавањето нови работни места останува слабо и во заздравувањето по кризата. Во 2012 година,  просечната стапка на невработеност во регионот на Европа и централна Азија беше 14 проценти. Загрижувачки фактор е дека околу половината од сите невработени лица барале работа подолго од една година. Младите и старите работници, жените и етничките малцинства почесто се невработени или вработени на неформални или ниско платени работни места. На пример, едно од пет млади лица во ЕЦА ниту работи, ниту бара работа, ниту студира.

Анализирајќи ги факторите што стојат зад оваа загрижувачка ситуација, во извештајот се доаѓа до пет главни заклучоци:

1.     Пазарните реформи со кои се зголемува конкурентноста на домашните пазари се исплатува во поглед на постигнувањето создавање работни места и раст на продуктивноста, иако треба време за да се материјализираат резултатите. На почетокот, економското преструктуирање значи дека се отвораат и се затвораат работни места. Со понатамошното модернизирање на економиите на земјите, отворањето работни места го надминува затворањето и тоа се пренесува во повисока вработеност. Земјите што направија рани реформи и се интегрирале на глобалните пазари, таканаречените ‘напредни модернизатори’ беа поуспешни во создавањето повеќе работни места од ‘задоцнетите модернизатори’ кои реформите ги спроведуваа бавно или непостојано.

2.     Мал дел од високо растечките фирми (таканаречените „газели“), главно млади, се заслужни за најголем дел од новите работни места што се отвораат во регионот. Меѓутоа, споредено со другите земји со средни приходи и со ОЕЦД, нивото на претприемништво останува ниско, особено кај задоцнетите реформатори. Поради тоа, земјите, претприемачкиот потенцијал треба да го преточат во успешно создавање на нови бизниси со кои може да се забрза создавањето работни места.

3.     Јазот во вештините ги ограничува перспективните за вработување, особено на младите и старите работници, како резултат на несоодветниот одговор на системите за образование и обука на промените во побарувачката на работодавачите за одредени вештини. Справувањето со овој предизвик ќе бара повторно обмислување на основите на системите за образование, обука и на доживотно учење.

4.     Вработеноста е погодена и од високите имплицитни даноци на работа за оние кои од неактивност или невработеност преминуваат во формални работни места и од други бариери за вработување, кои особено ги погодуваат работниците со ниски плати и на одредено време и вторите вработени во домаќинството, кои почесто се жени, малцински, млади и постари работници.

5.     Ниската мобилност на трудот во рамките на земјите го спречува преселувањето на работниците во места со поголем потенцијал за создавање работни места. Миграцијата во странство ја заменува ниската внатрешна мобилност, но ги влошува демографските перспективи во многу земји.

Политиките за справување со предизвиците на работните места во регионот треба да се разгледуваат заедно со наследството од економиите со централно планирање, кое е поврзано со брзината на реформите кон современи пазарни економии, а и со сè поголемите демографски притисоци поради брзото стареење на населението во повеќето земји на ЕЦА и големиот број млади што се појавуваат на пазарот на труд во Турција и во земјите на централна Азија.

„За да се создадат повеќе и подобри работни места, креаторите на политиките треба да ги надминат традиционалните политики и регулативи на пазарот на трудот,“ вели Каролина Санчез – Парамо, раководител на секторот во Светска банка за намалување на сиромаштијата и економско управување во Европа и централна Азија и коавтор на извештајот. „Иако политиките ќе треба да бидат прилагодени на фазата на економската модернизација и на демографските императиви на секоја земја, потребни се напори на повеќе фронтови за се дојде до динамичен приватен сектор што создава работни места: продолжување на процесот на реформи и преструктуирање на претпријатијата, промовирање на претприемништвото; подобрување на деловното опкружување и предвидлив пристап до финансии за овозможување на експанзија на бизнисите; зголемување на интеграцијата на светските пазари и поттикнување на поврзувањето на економиите преку подобра инфраструктурна поврзаност и логистика.“

За подобро да се подготват работниците за новите можности, во извештајот се препорачуваат политики со кои ќе им се помогне на работниците да се стекнат со вештини за модерните работни места; ќе се отстрани демотивацијата за работа и другите бариери што ги држат луѓето надвор од продуктивно вработување, вклучувајќи и пречки за внатрешната миграција.

„Поради високите даноци на трудот и системите за социјална заштита кои веднаш ги прекинуваат бенефициите или забрануваат формално вработување на корисниците на социјална помош, често, на работниците, особено на оние со ниски плати, не им се исплатува да имаат формална работа,“ рече Омар Ариас, раководител на секторот на Светска банка за економика на човечкиот развој и коавтор на извештајот. „Побрзото отворање работни места ќе бара промени во социјалниот договор помеѓу работниците, претпријатијата и властите. Модернизирањето на системите за образование и обука за подобро да се прилагодат на пазарите на труд што брзо се менуваат и правењето на пензиите, социјалните права, даноците на трудот и прописите компатибилни со подолгиот и попродуктивен работен век се критични за постигнувањето одржливо создавање работни места и заеднички просперитет во Европа и централна Азија.“

Солидниот раст и фискални перформанси на Македонија во последната деценија резултираа со намалување на невработеноста, иако нејзиното ниво сè уште останува високо со околу 30 проценти. Освен високата невработеност и учеството во работната сила и понатаму е многу пониско од нивото на ЕУ, особено кај жените (50 проценти). Меѓу оние што работат, платите и продуктивноста се ниски. Македонија успеа да создава работни места и додека другите земји во регионот ги губеа, меѓутоа, повеќето од овие нови работни места се или ниско продуктивни или фискално скапи: 27,1 проценти од нето отворените работни места од 2007 година се во земјоделството, 13 проценти во трговијата на мало, а 19,7 проценти во јавниот сектор. Истовремено, и покрај високата невработеност, на фирмите често им е тешко да вработат работници со вистинските вештини, укажувајќи на потребата да се зголеми релевантноста на образовните резултати во однос на потребите на пазарот на труд.

Македонија веќе има спроведено важни реформи на пазарот на трудот, како што се намалувањето на ограничувањата на договорите на одредено време, намалувањето на персоналниот данок од доход и на социјалните придонеси и одделувањето на здравственото осигурување од пријавувањето на невработените. Просечното ниво на образование продолжи постојано да се зголемува и уделот на возрасни лица (на возраст од 15 до 64 години) со завршено средно или повисоко образование, во периодот помеѓу 2007 и 2011 година порасна од 45 на 49 проценти. Сите овие промени се очекува да имаат позитивно влијание врз нивото на вработеноста.  

Подобрувањето на можностите за вработување е критично за подобри социјални и економски резултати во Македонија”, рече Татијана Проскурјакова, директор на канцеларијата на Светска банка во Македонија. „Светска банка тесно соработува со Владата на Македонија на справувањето со прашањето на невработеноста. Заедно работиме на анализата со која ќе се обезбедат информации за новата Стратегија за вработување во Македонија. Светска банка планира и да го финансира проектот за вештини и иновации, кој ќе и помогне на владата да го реформира финансирањето на високото образование и да го зајакне механизмот за обезбедување на квалитетот, како и да ја подобри релевантноста на техничкото стручно образование и обука.“ 

Контакт за медиуми
Во Вашингтон
Елена Карабан
tel : +1-202-473-9277
ekaraban@worldbank.org
Во Скопје
Денис Бошковски
tel : +389 2 3117 159
dboskovski@worldbank.org
За барања за емитување Broadcast Requests
Наталија Цислик
tel : +1-202-458-9369
ncieslik@worldbank.org


СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ:
2014/172/ECA

Api
Api