- add-style
- font-medium
- lp-body-content
Скопје, 24 октомври, 2022 година – Економската состојба во сите шест економии на Западен Балкан и понатаму е под влијание на тековната војна во Украина и наглото зголемување на цените на енергијата, како и забавување на глобалниот раст, се вели во најновиот Редовен економски извештај за Западен Балкан (бр. 22 во серијата). Овие кризи создаваат силни предизвици за регионот, и покрај подобро од очекуваниот раст од почетокот на годината.
Во првата половина на 2022 година, економскиот раст, предводен од приватната потрошувачка и инвестициите, се покажа робустен, надминувајќи ги очекувањата. Нивото на вработеност достигна историски највисоко ниво во неколку земји до средината на 2022 година, додека стапката на вработеност во регионот сега е во просек 46 проценти, што е зголемување од 3 процентни поени во однос на средината на 2021 година.
Сепак, динамиката на раст сега започнува да забавува, во пресрет на сè поголемите предизвици. Повисоките цени на енергијата и храната ја турнаа инфлацијата на ниво незабележано со години, намалувајќи ја куповната моќ и деловната доверба. Закрепнувањето на пазарот на трудот почна да забавува, со послаба вработеност во услови на висока инфлација и зголемена неизвесност.
„Иако растот во првата половина на 2022 година се покажа како релативно робустен, јасно е дека регионот сега се движи кон нова бура“, рече Сања Маџаревиќ-Сујстер, виш економист на Светска банка и главен автор на извештајот. „Комбинацијата од шокови силно ја обременува перспективата на регионот. Затегнатите глобални услови за финансирање, забавувањето, како на домашната, така и на надворешната побарувачка, како и намалувањето на довербата на фирмите и потрошувачите секако ќе се одразат на финансискиот сектор во регионот“.
Погодена од војната во Украина и енергетската криза, Северна Македонија се соочува со највисока инфлација досега, со што несразмерно се намалуваат реалните приходи на сиромашните. Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци за финансирање, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите домаќинства и фирми. Во исто време, затегнувањето на монетарната политика треба да постигне рамнотежа помеѓу сузбивање на инфлацијата и избегнување на забавена економска активност.
„Поддршката на Владата за енергетски ранливите групи е важен чекор во вистинска насока, но мерките треба да бидат насочени и временски ограничени за да се минимизираат фискалните ризици“, додаде Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово. „Во исто време, фокусот треба да продолжи да биде на долго-одложуваните структурни реформи за да се поттикне растот и да се отворат нови работни места “.
Според извештајот, таквите реформи вклучуваат мерки за зголемување на нивото на пазарна конкуренција, отстранување на бариерите за влез на бизнисите, подобрување на задржувањето и реинвестирањето кај странските инвеститори, намалување на бариерите за учество на женската работна сила, подобрување на квалитетот на образованието и подигнување на стандардите за управување, вклучувајќи ја и дигитализацијата.
Тековната криза, исто така, ја истакнува важноста од забрзана зелена транзиција во регионот, подалеку од волатилните јаглеводороди кон почисто производство на електрична енергија, како и поеколошки модели на производство и потрошувачка, се вели во извештајот.
Анита Божиновска
About The World Bank
The World Bank Group has a bold vision: to create a world free of poverty on a livable planet. In more than 100 countries, the World Bank Group provides financing, advice, and innovative solutions that improve lives by creating jobs, strengthening economic growth, and confronting the most urgent global challenges. For more information, please visit www.worldbank.org, www.miga.org, and www.ifc.org.
- add-style