Вашингтон, 11 декември 2020 година – Новиот проект финансиран од Светска банка ќе обезбеди поддршка за учениците во основното образование во Северна Македонија, вклучувајќи ги Ромите, девојчињата и другите маргинализирани групи, преку воведување на подобри услови за учење и преку подобри училишта. Со новиот Проект за подобрување на основното образование во Северна Македонија со вредност од 21,5 милиони евра ќе се поддржи и спроведувањето на современ систем за професионален развој и напредување во кариерата на наставниците, директорите и мултидисциплинарните тимови за професионална поддршка во основното образование.
Проектот се фокусира на интервенции на ниво на училиште, најблиску до учениците и каде што ќе го подобри учењето, истовремено ублажувајќи ги и пополнувајќи ги загубите во учењето предизвикани од КОВИД-19. Дополнителни елементи на проектот се реформи кои ќе обезбедат податоци за учењето и најсовремена обука за наставниот кадар. Активностите имаат за цел градење основи на модерен и ефикасен систем на основно образование во Северна Македонија.
„Формирањето на вештините започнува од многу рана возраст, а образованието ‘зависи од патеката’, што значи дека пристап до квалитетно образование уште на самиот почеток е витален за обезбедување услови учениците да се стекнат со потребните основни вештини за продолжување на нивното образование и за лесен премин на пазарот на трудот“, вели Бојана Нацева, виша специјалистка за образование и раководителка на тимот на проектот. „Со овој проект се очекува да се поттикне заедничкиот просперитет преку обезбедување квалитетно образование за сите ученици, особено за оние од традиционално маргинализирани групи и кои обично припаѓаат на најсиромашните 40 проценти од населението. Со оваа иницијатива ќе се обезбедат подобри резултати од учењето и конечно, подобро вработување.“
Директни корисници на проектот се учениците од основното образование, но поддршката ќе биде фокусирана на учениците од ранливите групи, вклучувајќи ги Ромите, девојчињата и учениците погодени од затворањето на училиштата како резултат на пандемијата со КОВИД-19. Учениците ќе имаат корист од подоброто опкружување за учење, подоброто физичко опкружување во нивните училишта и од подобро обучените наставници. Компетентните, мотивираните и добро поддржаните професионалци се критични за справувањето со итните прашања на подобрувањето на исходите на учењето во основните училишта во Северна Македонија.
Индексот на човечкиот капитал за 2020 година, објавен од Светска банка, покажува дека дете родено денес во Северна Македонија ќе има само 56 проценти од продуктивноста кога ќе порасне отколку што би ја имало кога би добило целосно образование и би било целосно здраво. Исто така, резултатите од меѓународните оценки на учениците, како што е ПИСА, покажуваат споредбено слабо ниво на постигнување на учениците на крајот на вишите одделенија од основното образование во Северна Македонија што укажува на тоа дека недостатоците во учењето што почнуваат уште на почетокот на основното образование, остануваат и во повисоките одделенија. Исто така има и голем јаз во успешноста помеѓу групите со највисоки и со најниски приходи во земјата, со заостанување на учениците од групата со пониски примања еквивалентно на две години школување. Затоа, овој проект ќе придонесе за унапредување и развој на поконкурентен и поприлагодлив човечки капитал и ќе помогне да се осигури дека социјалните групи што традиционално биле маргинализирани ќе добијат подобар пристап до образовни услуги низ целата земја.
„Северна Македонија неодамна презема важни реформи во системот на предучилишното образование и грижа. За уште повеќе да се капитализира оваа важна инвестиција, земјата треба повеќе и поефективно да инвестира во подобрувањето на квалитетот на наставата и да го подобри опкружувањето за учење во основното образование“, вели Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово. „Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 ја влоши состојбата и земјата ќе треба да спроведе соодветни политики и мерки за надоместување на учењето за да го подобри присуството на училиште по овој прекин – справувајќи се со загубеното учење како резултат на принудното отсуство и поддржувајќи ги психосоцијалните потреби како на учениците така и на наставниците.“
Проектот за подобрување на основното образование е финансиран со заем од Светска банка во износ од 21,5 милиони евра со рок на отплата од 11 години, вклучувајќи и грејс период од 3 години и време на спроведување од пет години. Проектот ќе биде спроведен од страна на Министерството за образование и наука.