Skip to Main Navigation
СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ 29 Ноември 2018

„Постигнување посветла иднина за сите“: Систематска дијагностика за Поранешна Југословенска Република Македонија, спроведена од Светска банка

Скопје, 29 ноември 2018 година – Поранешна Југословенска Република (ПЈР) Македонија има голем потенцијал за забрзување на економскиот раст, за намалување на сиромаштијата и за подобрување на животниот стандард на своите граѓани, особено за луѓето во најдолниот дел на распределбата на приходите, се наведува во извештајот на Светска банка објавен денес. За да се оствари тоа, се вели во извештајот, земјата треба да ги искористи своите конкурентски предности, вклучувајќи ја и стратешката локација и отвореноста за трговија и инвестиции истовремено надминувајќи низа горливи предизвици и внимателно управувајќи со ризиците.

Постигнување посветла иднина за сите е систематска дијагностика на земјата (СДЗ), односно анализа во која се разгледува напредокот на Република Македонија во текот на 27 години по осамостојувањето односно се проценуваат како пречките така и можностите за сеопфатен и одржлив раст и се утврдуваат приоритетите на јавните политики за поддршка на развојот на земјата.

“Зголемувањето на продуктивноста на економијата, подобрувањето на можностите за вработување за сите и постигнување на фискална, социјална одржливост и одржливост на животната средина ќе ѝ овозможи на земјата да ги искористи придобивките од интеграцијата во Европската унија и да го намали јазот со Европа, со повеќе и подобро платени работни места за нејзините жители“, изјави Линда Ван Гелдер, регионална директорка за Западен Балкан.

Во СДЗ се идентификуваат три патеки кои меѓусебно се надополнуваат за земјата да ги искористи новите можности за надминување на предизвиците.

Првата патека е да се поттикне подинамичен и поконкурентен приватен сектор. Оваа патека навлегува во конкретните предизвици и можности поврзани со создавањето на глобално интегриран приватен сектор кој создава повеќе и попродуктивни работни места. Втората патека предвидува вложување во луѓето за да се изгради конкурентна и прилагодлива работна сила, како и да се надмине јазот на можностите. Оваа патека ги разгледува предизвиците и можностите за унапредување на социјалната инклузија преку подобрување на образовните и здравствените исходи и заштита на сиромашните и на ранливите луѓе од потреси. Третата патека се однесува на остварување на економска, социјална одржливост, како и одржливост на животната средина преку делотворно управување, фискална прудентност како и подобрено управување со животната средина во насока на зголемена отпорност на природни несреќи и климатски промени.

Во СДЗ исто така се утврдени и приоритети на јавните политики кои ќе придонесат земјата да постигне побрз, посеопфатен и одржлив раст. Дијагностиката идентификува 10 приоритетни области за реформа, како и конкретни активности кои треба да се спроведат во секоја од овие приоритетни области. Целта на овие активности е да имаат позитивно влијание врз барем една од утврдените патеки, а најчесто влијаат врз повеќе. На врвот на списокот, според очекуваното влијание, е потребата за реформи со кои ќе се зајакне владеењето на правото, ќе им се овозможи на сите луѓе да ги стекнат релевантните вештини и ќе се подобрат можностите локалните фирми да бидат конкурентни на глобално ниво.

„Успехот на земјата при спроведувањето на сите приоритетни области зависи од тоа колку смело ќе делува и ќе одржува стабилен курс на реформите. Заедничка политичка визија и свесност на јавноста ќе обезбедат дека дневнополитичките случувања нема да го разводнат реформскиот момент,“ вели Марко Хернандез, коавтор на извештајот. „Амбициозно, но реално е да се размислува дека во следните децении, преку овие реформи, земјата може да изгради општество со робусна средна класа и еднакви можности за сите граѓани, без оглед на нивното место на живеење, родова припадност, етничка припадност, возраст или други лични карактеристики“, додава изјави Цезар А. Канчо, исто така коавтор на СДЗ.

За време на подготовката на извештајот, тимот на СДЗ се консултираше со различни чинители, вклучувајќи ги владините претставници, претставници на академската заедница, претставници на приватниот сектор како и развојни партнери во различни региони на ПЈР Македонија за да ги утврди  ограничувањата и успешните искуства за растот и за инклузијата во земјата. Дел од процесот на консултации вклучи и отворен повик за трудови, со кој младите македонски истражувачки беа повикани да ги достават своите идеи во врска со широк опсег на развојни области.

Систематската дијагностика на земјата ќе ја поддржи новата Рамка за партнерство со земјата (РПЗ) која ќе ја насочува поддршката на Групацијата Светска банка на земјата во наредните 4 години.

Повеќе информации за работата на Светска банка во ПЈР Македонија, можете да најдете на: https://www.worldbank.org/mk/country/fyrmacedonia

Лајкнете нè на Фејсбук: https://www.facebook.com/WorldBankSkopje


СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ: 2019/ECA/66

Контакт

Вашингтон
Ким Смитис
ksmithies@worldbank.org
Скопје
Анита Божиновска
abozinovska@worldbank.org
Api
Api