УДАРНА ТЕМА17 Декември 2025

Пат кон растот: Новиот експресен пат во Северна Македонија ја поттикнува трговијата и поврзаноста

Главни поенти на сторијата

  • Новиот експресен пат помеѓу Скопје и граничниот премин Деве Баир со Бугарија го скрати времето на патување на главниот трговски коридор за Северна Македонија.
  • Финансирањето од Светската банка и Инвестициската рамка за Западен Балкан помогна во изградбата на 22,8 километри дволентен асфалтен пат дизајниран со напредни инженерски решенија, правејќи го патот побезбеден, отпорен и попрактичен за жителите, туристите и возачите на камиони.
  • Проектот беше дизајниран за да биде климатски отпорен, осигурувајќи дека новата делница може да издржи природни опасности како што се лизгање на земјиштето и одрони на карпи кои во минатото предизвикуваа тесни грла, несреќи и застој.

Со години, стариот пат што ги поврзуваше северните региони на Северна Македонија со главниот град на земјата и граничниот премин со Бугарија беше извор на фрустрација. Дупките и испуканиот коловоз предизвикуваа дупнување на гумите и оштетувања на возилата, додека лизгањата на земјиштето и одроните на камења честопати го попречуваа сообраќајот, па дури можеа и целосно да ја затворат рутата. За возачите на камиони кои превезуваа стока и товар до и од Бугарија - клучниот трговски партнер на земјата - овој кривулест пат беше непредвидлив, стресен и потенцијално опасен. Со извоз кој изнесува повеќе од половина од БДП на земјата, физичката состојба на овој суштински трговски коридор стана товар за економијата на Северна Македонија.

Новиот експресен пат менува животи

Како дел од националните напори за зголемување на трговијата и поврзаноста, Северна Македонија инвестираше во изградба на нов експресен пат преку Проектот за надградба и развој на патиштата поддржан од Светска банка. Овој проект од 113 милиони евра - кој вклучуваше 14 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), иницијатива на Европската Унија која го поддржува социо-економскиот развој на регионот - помогна во изградбата на 22,8 километри експресен пат со две ленти помеѓу Скопје и границата со Бугарија. Преку проектот, исто така, се изградија мостови, високи насипи, зајакнати косини со заштита и хумусирање, потпорни ѕидови и системи за одводнување со канали и површински ровови, а инсталираше и безбедносни елементи како заштитни огради, ленти за заштита при пристап до хоризонтални кривини, предупредувачки знаци и разграничувачи на средишните линии.

Отворен на 4ти јануари 2025 година, овoj нов пат на жителите им го олесни пристапот до училиштата и болниците, ја подобри безбедноста на патот и го скрати времето на патување. „Новиот пат значи дека можам да поминувам повеќе време со моето семејство. Наутро имам повеќе време со моите деца додека се подготвуваат за училиште“, вели Елена Бошковска од Крива Паланка, чие време на патување до Куманово е значително скратено.

Покрај тоа, новиот експресент пат отвора врати кон регионалните пазари и нови синџири на снабдување за малите и средните претпријатија на североистокот од земјата. Тоа ќе помогне во зајакнувањето на локалниот пазар на труд, ќе им помогне на локалните земјоделци и малите бизниси побрзо да стигнат до клиентите и ќе го направи регионот попривлечен за инвестиции и туристи. „Откако се отвори новиот пат помеѓу Ранковце и Крива Паланка, стигнувањето до Бугарија е многу побрзо - без разлика дали возите или превезувате стока. Тоа направи вистинска разлика за сите овде“, нагласува Васе Иванов, локален возач на камион.

The World Bank
Новиот експресен пат помеѓу Скопје и граничниот премин со Бугарија го скрати времето на патување на главниот трговски коридор за Северна Македонија, правејќи го патот побезбеден, отпорен и попрактичен за жителите, туристите и возачите на камиони.
Изграден за отпорност

Клучот за успехот на овој проект беше обезбедување дека пат може да издржи сè понепредвидливи природни опасности како што се бури, екстремна топлина, обилни врнежи од дожд и снег, како и одрони на карпи и лизгање на земјиштето поради сложеното геолошко и тектонско опкружување.

Бидејќи Северна Македонија е склона кон земјотреси и ненадејни поплави, дизајнот на експресниот пат требаше да вклучи посилни мерки за отпорност од климатските промени и ризиците од катастрофи - како што се стабилизација на косините, решенија за заштита од ерозија и подобрена дренажа. Финансирањето од WBIF конкретно беше искористено за подобрување и зајакнување на стабилизацијата на косините со поставување челични мрежи, сидра и порамни наклони на засечените косини, како и природно-базирани решенија, како што е затревување.

Подобрувањето на патната инфраструктура во Северна Македонија е од суштинско значење за поттикнување на растот на приватниот сектор во земјата: зајакнување на синџирите за снабдување, отворање пристап до пазарите, намалување на трошоците за водење бизнис и привлекување поголеми странски директни инвестиции. А со инвестирање во транзитните коридори, земјата може да ја надмине својата копнена положба, да создаде работни места и да постигне поголем напредок во намалувањето на сиромаштијата и нееднаквоста.

Новиот експресен пат помеѓу Скопје и бугарската граница е повеќе од асфалтен пат - тоа е пат кон поголеми економски можности и подобар квалитет на живот во Северна Македонија.

The World Bank

***

Овој проект обнови клучен дел од Коридорот VIII, рута исток-запад што го поврзува јадранското пристаниште Драч во Албанија со црноморското пристаниште Варна во Бугарија преку Северна Македонија. Оваа рута е дел од европскиот коридор Западен Балкан - Источен Медитеран во рамките на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), стратешкиот план на ЕУ за изградба на беспрекорен, мултимодален транспортен систем што ги поврзува сите поголеми европски центри. Коридорот VIII, исто така е водечки проект на Глобалната порта на ЕУ, понудата на Европа за поврзување на светот преку охрабрување на јавни и приватни инвестиции во глобална мрежа на транспорт и синџири на снабдување, зелена енергија, модерни телекомуникации, образование и истражување. Во транспортниот сектор, Глобалната порта промовира инвестиции во инфраструктурата што создаваат одржливи, паметни, отпорни, инклузивни и безбедни начини на транспорт и поддржува мрежи што обезбедуваат поврзаност со TEN-T.

Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) е финансиска платформа која ги координира инвестициите за социо-економски развој во регионот и го забрзува патот кон пристапување во ЕУ. WBIF придонесува кон стратегијата Глобален портал и е главното средство за спроведување на Инструментот за реформи и раст на ЕУ.

Блогови

    loader image

НОВОСТИ

    loader image