УДАРНА ТЕМА

Европа и централна Азија: Почеток на кардиоваскуларна револуција и други здравствени подобрувања

3 Јуни 2013



НАЈВАЖНИ НАСТАНИ
  • Во здравствениот сектор, регионот Европа и централна Азија заостанува зад земјите на ЕУ-15, а кардиоваскуларните болести и смртноста на новороденчињата се меѓу главните извори за загриженост.
  • За да се подобри здравствениот систем во овие земји, потребни се подобри системи за јавно здравје, примарна здравствена заштита и побрз напредок на финансирањето и на пошироките институционални реформи.

Image


Пушење, висок крвен притисок и срцеви болести.

Иако низ целиот свет постојат проблеми поврзани со здравјето, тие се особено фокусирани во Европа и централна Азија (ЕЦА). На пример, стапката на користење на тутун е меѓу највисоките во светот. Според новиот извештај на Групацијата на Светска банка, земјите во овој регион мора да истражат повеќе реформи за справување со овие прашања, за зголемување на очекуваниот животен век до светскиот просек.

Во „Оздравување: Подобрување на резултатите на здравствениот систем во Европа и централна Азија“ се истражуваат развојните предизвици за здравствениот сектор во регионот и се нагласуваат три области што треба да се подобрат – интервенциите во јавното здравје и во примарната здравствена заштита, финансирањето и пошироките институционални реформи – за да се реставрира здравствениот систем.

Во извештајот се направени анкети на домаќинствата од шест земји со фокус на однесувањето поврзано со здравјето и користењето на здравствена нега, анкета за квалитетот на негата во пет земји и се користат постојни анкети од 11 земји за да се анализираат трошоците од џебот на домаќинствата за здравствени услуги за да се утврдат трите области што имаат потреба од подобрување.

Оздравување


Во 1960-ите години, просечниот животен век во регионот беше само за пет години помал отколку во западна Европа, а 10 години поголем отколку во Латинска Америка и 20 години поголем од источна Азија и Блискиот Исток. Сега, јазот на очекуваниот животен век со ЕУ-15 значително се зголеми, додека другите региони го надминаа регионот Европа и централна Азија.

Но, има и исклучоци, на пример Турција во овој период направи солидно подобрување, додека балканските земји се на ниво на светскиот стандард. Меѓутоа, неколку други земји заостануваат во овој процес.

Една од најголемите причини за загриженост се срцевите болести. Тие се причина за половината од јазот во очекуваниот животен век помеѓу ЕЦА и ЕУ-15. Во извештајот се препорачува дека некои од начините за намалување на нивната појава би биле да се воведат мерки како што се забрана на пушењето во јавните простори и зголемување на даноците на цигарите како и редовно да се следат факторите на ризик како што се високиот крвен притисок и холестеролот.

Смртта на бебињата на возраст до 28 дена е уште еден проблем, заедно со сообраќајните несреќи предизвикани од користење алкохол, менталните болести, ХИВ/СИДА и туберкулозата. Сите тие можат да се намалат со усогласени реформи на политиките. 

Финансирање на здравствените системи


Стари или млади, мажи или жени, богати или сиромашни – испитаниците низ целиот регион нагласија дека здравствената заштита треба да биде врвен приоритет за дополнителни владини инвестиции, од кои, заедно со плаќањата од џебот на домаќинствата, се финансира здравствената заштита во ЕЦА. Но, сè поголемата побарувачка за здравствени услуги мора да се финансира без да се стави преголем товар врз било кој од овие извори.

Преголемата зависност од плаќањата од џебот на домаќинствата може да значи дека некои домаќинства нема да можат да си дозволат повеќе да потрошат за здравствена заштита, додека преголемите владини расходи може да влијаат врз фискалната одржливост. Исто така, треба да се ограничат и трошоците за одвишната болничка инфраструктура и лекови, се вели во извештајот.

Институционални реформи и дизајн на здравствениот систем


Мерките, како што се плаќањето да го следи пациентот наместо здравствената установа, давањето на давателите на здравствени услуги право да донесуваат одлуки и овозможувањето на креаторите на политиките да ги користат информациите собрани од стотици установи низ земјата, се важни за поддршка на подобрувањето на постојниот систем.

Сепак, не постои еден идеален здравствен систем што може да се усвои во целиот регион. Може да се утврдат повеќе области за подобрување, од кои некои се тесно поврзани со отчетноста во давањето на услугите, но тие ќе мора да бидат скроени според потребите на секоја земја, односно, во извештајот се предлагаат состојки, а не рецепти за реформа на здравствениот систем.


Api
Api

Welcome